Американската амбасадорка Кејт Брнс во интервју за телевизија Сител ги повика партиските лидери да најдат компромис за законот за јавното обвинитество и да овозможат да биде усвоен пред распуштањето на Собранието.
– Усвојувањето на новиот закон за ЈО ќе ги унапреди владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста. Ја истакнуваме и важноста случаите на СЈО да продолжат да се процесуираат на кредибилен начин во Јавното обвинитество. Веруваме дека ова се вистинските одлуки за да се создаде доверба кај граѓаните и да се потврди дека поединци кои извршуваат високи функции ќе сносат одговорност за какви било злоупотреби. Ова е важен сигнал. Самиот закон е клучен не само како сигнал за ЕУ, туку и за иднината на земјата. Апелираме до сите политички партиски лидери да седнат заедно, да ги надминат разликите, да ги стават на страна своите партиски позиции и да работат на законот, да го усвојат, пожелно е, пред распуштањето на Собранието, за земјата да продолжи по својот пат – изјави Брнс во интервју за Сител.
Според амбасадорката на САД, со тоа ќе биде испратен и позитивен сигнал до членките на ЕУ во контекст на одлуката за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија. Брнс очекува наскоро да заврши ратификацијата на протоколот за членство во НАТО во Шпанија и земјата многу брзо да стане полноправна членка на Алијансата.
Брнс вели дека има работи што треба да ги направи и Северна Македонија и да испрати позитивен сигнал до ЕУ, како што се продолжување на реформите, спроведување фер избори, одржување добри односи со соседите, борба со корупцијата и создавање економски амбиент за привлекување инвестиции, а особено усвојување на Законот за јавно обвинителство.
За најавата од ВМРО-ДПМНЕ за можно ревидирање на Преспанскиот договор ако освојат двотретинско мнзоинство на изборите, американската амбасадорка оценува дека ова прашање предизвикува вистинска загриженост, и граѓаните не треба да бидат збунети и заведени за тоа што се ризикува во тој процес.
– Не треба да се заборави дека добрососедските односи се предуслов за членството во НАТО и во ЕУ. Ние знаеме дека Преспа беше компромис, имаше тешки преговори кои подразбираа отстапки од двете страни. Но, она што беше постигнато со Преспанскиот договор е што конечно беше откочен патот за Северна Македонија да стане НАТО сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Уште поважно, и помогна на земјата да се придвижи напред од позицијата на стагнација на политички и на економски план. Многу е важно да се има предвид дека не само што ЕУ го препознава значењето на одржување добри односи со соседите како дел од критериумите за пристапување, туку и тоа дека навистина се работи за иднината на земјата, нејзин економски напредок, работни места, трговија, странски инвестиции. Многу е важно да не се загрозува оваа извонредна трансформација што се случува. Тие постигнувања не треба да бидат загрозени и тоа треба да се сфати многу сериозно – изјави амбасадорката на САД Кејт Брнс.