Во тетовска Вратница викендов беше одбележана 75 годишнината од падот на американски воен авион при што се загинати шест војници, а тројца се спасени од мештаните. Одбележувањето се одржа пред споменикот посветен на американските војници во Вратница, како и со планинарски марш до местото каде паднал авионот.
– Нејзината екселенција Амбасадорот на САД во Македонија, Кејт Мари Брнс, имаше можност да го посети споменикот на загинатите војници што се наоѓа во дворот од црквата „Света Петка“ во Вратница, и да слушне повеќе за храбриот потег на вратничани кои успеале да ги спасат преживеаните. Следеше планинарски марш до местото Сл’бица на околу 1.600 метри надморска височина, каде што паднал авионот, а воедно и дружење со жителите на Вратница и гости – љубители на природата. Амбасадорката и претставници на Амбасадата беа воодушевени од природните убавини. Посетата на амбасадорката на САД на Вратница беше по иницијатива на Душан Синадиноски, еден од авторите на книгата „Вратничка енциклопедија – информираат од месната заедница Вратница.
На 26 август 1944 година американскиот авион „Наша љубов“ жителите на Вратница го забележале како гори во воздух.
– Сите биле на работа по нивите. Кога виделе дека паднал кај Ливадица, сите ги оставиле работите и отишле да помогнат. Тројца биле под авионот загинати и изгорени, а тројца паднати на околните дрвја. Тројца биле повредени па мештаните им помогнале. Потоа дошле бугарски војници и ги одвеле американските војници. По ослободувањето еден од преживеаните дошол заедно со семејствата на војниците кои загинаа. Ги зедоа посмртните останки кои беа кај црквата – вели Живе Кировски од Вратница.
На 26 ноември 2014 спомен плочата во Вратница ја открија тогашниот американски амбасадор Пол Волерс и тогашниот министер за одбрана Зоран Јолевски.
Фото: МИА