Српската премиерка Ана Брнабиќ коментирајќи ја изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер во Скопје, дека Преспанскиот договор е модел според кој Србија би требало да се угледа, оцени дека таа споредба е поедноставување на работите во поглед на косовското прашање.
– Мислам дека ова е многу помал проблем отколку што ние го имаме во Косово. Не го намалувам нивниот успех, ниту успехот на Преспанскиот договор, но мислам дека овие две прашања не се за споредба – изјави Брнабиќ за ТВ Прва.
Таа додаде дека оваа изјава ја доживеала како повик за компромис, истакнувајќи дека компромис секако е потребен, како и дека тоа е она што Белград сето време го кажува и што се обидува да го направи.
– Поради компромисот кој ни е потребен, ние сме толерантни, не наседнуваме на провокации, повикуваме на дијалог и на продолжување на тој дијалогот-ден откако ќе се укинат таксите или истата вечер кога ќе се укинат таксите ( за српскитите производи) – изјави српската премиерка.
Таа истакна дека Белград е страната која кажува дека компромисот е апсолутно неопходен, но нагласи дека, за жал, не може да се постигне компромис, доколку другата страна не е за било каков договор.
– Во овој момент, на моја огромна тага, ние не сме блиску до било какво решение или било каков предлог – изјави Брнабиќ за ТВ Прва.
На прашањето дали пораката на српскиот претседател Вучиќ за референдум, ако го биде, и кој ќе биде обврзувачки, е порака до Западот дека Србија нема да постапи како Северна Македонија, таа изјави дека тоа е порака до српските граѓани дека „на крајот на краиштата, какво и да биде решението, и ако имаме некое решение, ние тоа отворено ќе им го предложиме на граѓаните на Србија, а потоа граѓаните ќе одлучат за тоа решение и ништо повеќе од тоа“.