Процентот на Британци, според кои треба да има втор референдум за Брегзит е еднаков на процентот граѓани на Велика Британија кои веруваат дека земјата треба да ја напушти Европската унија без договор, покажуваат податоците од анкетата објавена во „Гардијан“.
Истражувањето на јавното мислење покажа дека 43 отсто испитаници преферираат одложување на Брегзит заради спроведување втор референдум, а други 43 отсто оценуваат дека Велика Британија треба да ја напушти ЕУ без каков и да е договор со Брисел.
Ако се одржи втор референдум, со понудени две опции на ливчето – да се поддржи договорот на премиерката Тереза Меј со ЕУ или да остане во Унијата, 46 отсто велат дека ќе поддржат останување во ЕУ, а 36 отсто би гласале за заминување со условите кои ги договори Меј.
Анкетата е спроведена по драматичната недела во британскиот парламент. Во неколку последователни гласања минатата недела, британските пратеници го отфрлија (по втор пат) договорот за Брегзит, кој Тереза Меј го преговараше со ЕУ, блокирајќи ја опцијата Лондон да излезе од Унијата без договор и да го поддржаа одложувањето на Брекит.
И покрај загриженоста на владата во врска со Брегзит и поделбата на кабинетот во врска со ова прашање, Конзервативната партија на Меј има поддршка од 38 отсто, наспроти 34 отсто доверба за опозициската Лабуристичка партија и по осум отсто за Либералните демократи и Партијата за независноста на Велика Британија.
Што се однесува до рејтингот на премиерката, 56 отсто од испитаниците не одобруваат како таа го менаџира Брегзит, а 26 отсто се задоволни од неа. Лидерот на лабуристите Џереми Корбин има поддршка од 16 отсто, наспроти 62 отсто кои не го одобруваат.