Британската полиција тврди дека камионот со безживотните тела дошол од Белгија

Полицијата во Есекс соопшти дека се пронајдени безживотни тела на 39 мажи, меѓу кои и еден тинејџер, а уапсен е 25-годишниот возач од Северна Ирска поради сомнеж дека тој го извршил убиството.

118
ФОТО: EPA / VICKIE FLORES

Британската полиција соопшти дека камионот во кој се пронајдени 39 безживотни тела во британскиот град Есекс пристигнал од Белгија, од градот Зебруг, во пристаништето Пурфлит, источна Англија.

Полицијата претходно соопшти дека се верува оти камионот пристигнал од Бугарија.

Како што пренесуваат странските агенции, сè уште не е сосема јасно од каде доаѓа камионот, кој е регистриран во Бугарија и е во сопственост на една компанија која припаѓа на ирски државјанин.

Исто така, сè уште не се знае од каде се пронајдените жртви и како дошле во Англија.

Полицијата во Есекс соопшти дека се пронајдени безживотни тела на 39 мажи, меѓу кои и еден тинејџер, а уапсен е 25-годишниот возач од Северна Ирска поради сомнеж дека тој го извршил убиството.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека станува збор за „незамислива трагедија што ни го крши срцето“. Тој истакна дека е неопходно строго да се казнуваат шверцерите на луѓе.

Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател рече дека службите за миграција соработуваат со полицијата за да утврдат како се случил овој грозен настан.

Таа вчера изјави дека овој трагичен инцидент ја „шокирал и растажил“. На Твитер напиша дека полицијата во Есекс го упасила возачот и треба да и се овозможи да спроведе истрага.

Полицијата нагласи дека работи на идентификување на телата. 

Белгиското јавно обвинителство отвори истрага, изјави портпаролот Ерик Ван Дајз.

– Се претпоставува дека контејнерот преминал преку Белгија и е качен на брод во Зебруг – рече тој, додавајќи дека не е познато колку долго бил во Белгија.

Според британските медиуми, возач на камионот е Мо Робсинсон, жител на северниот ирски град Портадаун.

– Камионот е пронајден во индустриската област Ватерглајд, а потоа е преместен – рече заменик началникот на полицијата Пипа Милс, објаснувајќи дека е приоритет да се идентификуваат жртвите.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера, пак, изјави дека починатите лица пронајдени во камион во Велика Британија не можеле да се качат во Бугарија, бидејќи возилото не влегло во земјата од регистрацијата во 2017 година.

Тој истакна дека Бугарија соработува со британските власти во истрагата.

– Камионот во 2017 година е регистриран во Бугарија од државјанка на Ирска. Потоа заминал од земјата и никогаш повторно не влегол. Така што, на ниту еден начин не можеме да бидеме поврзани, освен со регистарските таблички на камионот – истакна Борисов.

Илјадници мигранти се шверцуваат во Велика Британија секоја година со камиони, бродови, а понекогаш и со авиони. Такви случаи се пријавуваат речиси секој ден.

Амнести Интернешнл и други групи за човекови права оценуваат дека острата политика на британските власти за илегална миграција ги тера мигрантите кон се поочајни чекори за влез во земјата.

ФОТО: EPA / VICKIE FLORES

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...