Сопственикот на англискиот фудбалски клуб Челзи, рускиот олигарх Роман Абрамович, не може да добие британска виза по новонастанатите затегнати односи меѓу Обединетото Кралство и Русија поради „случајот Скрипал“, јавува „Дејли Меил“.
Извори блиски до милијардерот велат дека барањето за продолжување на визата се уште не е одбиено, но процедурата трае премногу долго. Британскиот министер за безбедност Бен Волас вели дека тоа е така бидејќи од 2014 година критериумите за странски инвеститори се позатегнати.
– Тоа вклучува и одбивање на апликацијата доколку постојат основани причини дека апликантот незаконски стекнал имот – изјави Волас.
Засега, нема податоци за евентуална инволвираност на Абрамович во незаконски активности. Абрамович милијардите ги стекна во рускиот нафтен сектор, а потоа и во металуршката индустрија.