Брисел предлага 180 грчки пратеници да го изгласаат договорот за името

1586

Жан Клод Јункер и Федерика Могерини, се чини, ја поддржуваат потребата евентуалниот договор за името во грчкиот Парламент да биде изгласан со зголемено мнозинство, пишува грчкиот весник „Авги“.

Повикувајќи се на свои информации, весникот, што важи за гласник на партијата СИРИЗА, тврди дека наместо со 151 пратеник Атина добила совети и препораки од Брисел да побара 180 пратеници кои ќе дадат зелено светло за евентуалното решене.

„Според сигурни извори, грчката Влада добила добронамерни препораки и совети да побара евентуалниот договор за македонското прашање да биде изгласан со мнозинство од 180 пратеници. Заеднички именител на овие препораки е, договорот за да има трајност и стабилност, да се обезбеди широка политичка и парламентарна легитимност. Потребата за гласање на договорот со 180 пратеници, се чини, е поддржана од страна на претсеателот на комисијата, Жан Клод Јункер и од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерни“, пишува „Авги“ и додава дека овој став на Брисел е затоа што не постои убеденост дека договорот меѓу Атина и Скопје би имал иднина и перспектива, особено поради ставот на грчката опозиција и затоа се препорачува зголемено парламентарно мнозинство.

Весникот тврди дека меѓународната заедница се интересира, не само за позициите на владите во двете земји, туку и за ставот на останатите политички сили  во Македонија и во Грција, јавува дописникот на МИА од Атина.

„Според сигурни извори, меѓународната заедница покажува голем интерес и за лидерот на опозицијата во ПЈРМ, Христијан Мицковски, околу решавањето на прашањето за името. Се толкува досегашната негова претпазлива позиција и покрај фактот што ВМРО и понатаму е под контрола на националистот, поранешниот премер Никола Груевски. Од друга страна, додека истите пораки стигнаа и до лидерот на грчката опозиција, Кирјакос Мицотакис, засега тој е далеку од претпазлив“, пишува весникот и упатува критики до опозициската Нова демократија, особено за промената на позицијата по протестите за „одбрана на името Македонија“ во Солун и Атина.

Извори од Европската комисија за грчката телевизија „Стар“, демантирале дека од Атина било побарано договорот да биде изгласан со зголемено мнозинство и потсетиле на говорот на Јункер во грчкиот Парламент, кога рече дека Брисел нема да се меша во спорот, дека тој поддржува решение, но не е негова работа да дава предлози или насоки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...