Ги читам сите „релевантни“ прогнози на домашните диверзанти за нашиот „сигурен“ дебакл за прием во ЕУ и НАТО. На тие наши саботери, информациите им се од „прва рака“. Брисел, Париз, Берлин, Копенхаген се со нив на директна линија.
Јас, лично, не негувам илузии. Не ме замајуваат беседи, куртуазни славопеења, дипломатски кокетирања, празни дебатирања, крш монолози и бош дијалози.
Низ времињата, никогаш не ни цутеле рози.
Разноразни државнички кретени, генерали склеротични, дипломати невротични, странски и домашни шпиони, на политичката табла нѐ третирале како беспомошни пиони. Белосветски ветропири и сатрапи ни кроеле капи!
И сега сме субјект податлив за „студиозни“ гео-политички анализирања, за стратегиски скенирања, за воени калкулирања, секцирања…
Можеби, според најновите силни научни сознанија на бриселските мудреци, менувањето на името, кое нам, кој како сака нека мисли, ни е поскапо од секое злато, не е рамносилна вредност за купување билет за ЕУ и НАТО?!
Можеби треба да си ја промениме и крвната група.
Или на таа моќна политичка, економска и воена ложа, не им одговараат нијансите на
нашата древна балканска кожа?!
Да бидам искрен, ништо не може да ме изненади. Ништо да ме растревожи.
Стоички треба да ја дочекаме секоја одлука. Колку и да е неповолна и неправедна, таа ќе е одраз на нивната слика. Нивна брука.
Единствено, не ќе се најде резонско оправдување за ступидното поведение на оние наши петоколонаши, кои неуспех посакуваат. На евентуален дебакл во Брисел, однапред се радуваат.