По успешното преземање „Витаминка“ го врати на рафтовите во продавниците и во домовите, маслото за јадење „Брилијант“, рече Сашо Наумоски, генерален директор на „Витаминка“, на денешната средба со новинарите во штипската фабрика за масло „Брилијант“.
Тој најави дека во план е да се врати брендот „Брилијант“ и на пазарот во Албанија, Србија, а посебно во Косово, каде што моментно се отворени големи можности за брендот.
– „Брилијант“ се произведува во високо технолошки процес и високи стандарди за квалитет од суровина до готов производ. Моментално фабриката работи со капацитет од 40 отсто, а наша определба е да го постигнеме оптималното ниво од 60 до 70 отсто – рече Наумоски.
Капацитетот на производство на фабриката е дневно производство од 150 тони, а сега работи со дневно производство од 100 тони.
Фабриката работи со суровини увезени од Бугарија и од Србија, но како што рече Наумоски, се прават напори заедно со „Благој Ѓорев“ и Владата за поттикнување на домашно производство на сончоглед.
– Двете фабрики би го откупиле целото производство а Владата би требало да ги поттикне производителите со субвенции – рече Наумоски.
Производството во фабриката е целосно автоматизирано и го надгледуваат 70 вработени. Фабриката имаа сопствена лабораторија за контрола на квалитетот, а во производството се користи гасот како енергенс. Отпадните води од производството целосно се прочистуваат и се враќаат во природата чисти.