Брестовац: Очекувам победа со висока разлика против Војводина

73

Тренерот на Металург, Данило Брестовац во престој на натпреварот од последното коло во СЕХА-лигата утре против Војводина, на прес-конференцијата пред мечот изјави дека очекувам победа со повисока разлика.

Тој додаде дека Александар Шпенде почнал да тренира со полн интензитет и ќе биде достапен за дуелот од 18 коло, кој почнува од 20,15 часот.

– Ни претстои последниот натпревар во СЕХА-лигата на кој очекувам победа и тоа победа со повисока разлика. Тоа јасно им го кажав и на играчите. Позитивна вест е тоа што Александар Шпенде од петокот почна да тренира со полн интензитет. Досега имавме проблем со ротација, но со Шпенде екипата добива една сосема друга димензија. Во Нови Сад бевме брутално претепани. Дури и нивниот тренер, во еден момент, кога водевме со 6-7 разлика, викна тајмаут и повика да не тепаат. Искрено, се надевам дека ќе дојдат во полн состав. Ние сакаме да им се реваншираме, но на спортски план, не со тепање, и да видиме кој тим во моментот е поквалитетен – изјави денеска Брестовац

Ракометарот на металурзите, Марио Танкоски додаде дека утрешниот меч ќе биде добра увертира за претстојното македонско првенство.

– Од почетокот на оваа полусезона играме се подобро и подобро, како што рече и мојот тренер, и затоа мислам дека утре треба да победиме и тоа да ни биде мотив за понатаму во сезоната. За мене лично, оваа сезона имав многу поголема одговорност. Ни беше тешко со заминувањата на Кузмановски, Јагањац, и на Керими. Имаше некои натпревари кои требаше да ги победиме, но не успеавме поради овие наши проблеми. Ако ги искористивме своите шанси, сега ќе бевме можеби шести, а не деветти на табелата – изјави левиот бек на Металург.

Тимот од Автокоманда е на претпоследното место во регионалната лига со до 10 бода по 3 победи од 17 натпревари, додека Војводина е на шестото место со 22 бода.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...