Братската прегратка на синдикатите и газдите

518

Со вакви синдикалци, работодавците немаат зима – искоментира мојот другар Дехран утрово на колегиум, во дискусијата за состојбата на работничките права. Ми ја препушти оваа мисла за денешниот првомајски рафал, кога сакам заеднички да фрлиме поглед на мрачната слика на работничките права и на оние што треба да ги бранат.

Ниските плати се само една од неволјите со кои живее денешниот работник во Македонија. Уште во предизборната кампања во 2006 година, Груевски се фалеше со странските инвеститори дека се заинтересирани за нашите евтини работници. Така и би. Домашните газди кои буквално го грабнаа заедничкото богатство на некогашната социјалистичка економија, се однесуваат исто, па и уште посурово со македонските трудбеници.

Неретко, не ги плаќаат придонесите или, ако ги плаќаат, тие се на минималец, па рестото им го даваат на рака. Бараат враќање на регресот за годишен одмор, К-15… Ги „казнуваат“ работниците ако се разболат, па им земаат пари во кеш, за секој ден од боледувањето и тоа повеќе отколку што им е дневницата… Ги отпуштаат или не ги вработуваат жените за кои има можност дека ќе затруднат во скоро време… Ги пцујат и навредуваат, ги злоставуваат на безброј начини… Да набројувам ли уште?

Груевски го озакони самоволието на газдите со тоа што отказ од работа по кратка постапка виси над секоја глава во секој момент од работното време. Сите знаеме барем по еден пример на вработен во „реалниот сектор“ на кој газдата или шефот му се јавил во ниедно време и му рекол да не доаѓа на работа утредента, без понатамошни објаснувања. Законски. Не дека беше сјајно и пред ова дил-ориентед диктаторче, но во негово време суровиот капитализам од времето на Чарлс Дикенс го видовме во неговото најмрачно издание.

Достоинството на работничките и работниците е ставено под нозете на газдите. Понижувањата и малтретирањето се вообичаени до таа мерка што станаа дел од културата на луѓето, нивните секојдневни односи и воспитувањето на децата. Цинично и грубо, со навреди и тотално потценување на личноста – тоа е краткиот опис на односот на газдите кон работниците. И, кога велиме газдите, не се однесува тоа само на бизнис секторот. Безбројни се примерите на луѓе кои живеат ужасно грд живот како потчинети и во јавниот сектор, во администрацијата, јавните претпријатија и институциите. Дури и невладините организации не се исклучок од оваа темна страна од животот на луѓето, иако би било логично токму тие да бидат пример за тоа како треба да функционира општеството.

Значи, работа за синдикати, колку сакате. Но, токму синдикатите (најголем дел од нив), се првата линија на одбраната на тие во чии раце се парите и моќта, оние што експлоатираат без срам и совест, без трошка човечност. Тие се дел од криминалната спрега на газдите, соучесници во секојдневниот грабеж на работничките и работниците, добри другарчиња со политичарите… Тоа се синдикатите во Македонија. Толку ли не знаат дека можат да ја имаат истата моќ доколку совесно и чесно ја вршат својата должност на синдикати? Веројатно знаат. Но, тогаш личните профити ќе им бидат пониски, тоа им е „маката“. Не им треба моќ, ако таа не е придружена со мрсни лични добивки. Срамно е малку да се каже.

Овој Први Мај ќе го запомнам по тоа што е прв по долгата страховлада на Фамилијата, време прекратко да се искорени безочната експлоатација и понижувањето, но доволно долго да се види дека синдикатите останаа исти – никакви. Ќе го запомнам овој Први Мај и по тоа што се закажани барем четири паралелни протести во Скопје, кои еден на друг ќе си пречат, наместо да манифестираат солидарност.

Краток е и овој Први Мај. Времето за протест и протестно павтање скара се збиени во еден ден, нели, откако Фамилијата го скрати овој празник на еден ден. Но, без грижа! Газдите секако го споија викендот со празникот, за патриотско сончање на Халкидики. Потоа, во братска прегратка со синдикатите, ќе продолжат со патриотско полнење на своите џебови и мевови. Врз грбот на трудбениците. Да живее Први Мај!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...