Братот на првиот пациент е вториот заразен со коронавирус во Хрватска, уште два случаи во Франција

Неговиот помал брат, кој сега е практично второто заразено лице, било во Милано за да гледа фудбалски натпревар од Лигата на шампионите. Девојката на заразеното лице која цело време била со него не е заразена со вирусот. Во меѓувреме, во Сплит од Анкона пристигна брод со 80 патници, кој го пречекаа посебно опремени полицајци и санитарни инспектори.

298

Хрватските доктори го потврдија вториот случај на лице заразено со новиот коронавирус, јави дописникот на МИА.

Се работи за братот на првиот пациент, на кој вчера му беше дијагностициран коронавирус откако се врати од Милано. Неговиот помал брат, кој сега е практично второто заразено лице, било во Милано за да гледа фудбалски натпревар од Лигата на шампионите. Девојката на заразеното лице која цело време била со него не е заразена со вирусот.

Здравствените власти на Хрватска информираа дека во овој момент на инфективната клиника се тестираат три лица поради сомнеж дека се заразени со Ковид-19.

Во меѓувреме во Сплит од Анкона пристигна брод со 80 патници, кој го пречекаа посебно опремени полицајци и санитарни инспектори.

Од четиринаесетте заразени лица со коронавирус во Франција од почетокот на светската здравствената криза, досега едно лице почина, единаесет лица се излекувани, а вчера се регистрирани два нови случаи, јави дописникот на МИА.

Новозаболените се една млада Кинескиња која се вратила од Кина и еден Французин кој се вратил од престој во Италија. Француските власти не паничат и тврдат дека се подготвени за соочување со епидемијата. Границите со Италија не се затворени, а не е откажан ниту денешниот фудбалски натпревар меѓу Лион и Јувентус, што се игра во Лион. Сепак, Французите покажуваат загриженост, бидејќи во аптеките и супермаркетите е тешко да се најдат заштитни хируршки маски.

Потврда за загриженоста е зголемениот број на повици на зелената телефонска линија на која се даваат совети за коронавирусот, која од само двеста повици дневно, деновиве веќе забележа повеќе илјади. Во Универзитетската болница во Нанси се згрижени 11 лица со симптоми на коронавирусот. А француските власти бараат од французите во случај на сомневање дека се заразени од вирусот, самите да не одат во болниците или кај матичните лекари, туку да се јават до брзата помош. Ова со цел да се избегне евентуално ширење на заразата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...