Заврши денешното рочиште за случајот со 27 април, откако обвинетите Вилијам Михајловски и Никола Митревски Кољо се откажаа од давање своја одбрана пред судот. A своја одбрана нема да дава ниту обвинетиот Митре Питроповски, па единствениот кој остана од вкупно 33 обвинети е Александар Василевски Нинџа.
Меѓутоа, неговиот адвокат рече дека, бидејќи било најавено неговата одбрана да биде в четврток, тие побараа така и да остане. Тогаш, покрај исказот на Нинџа, ќе се сослушаат и тројца сведоци кои неговата одбрана ги предлага.
Меѓу нив е и братот на Нинџа, Благоја Василевски, кој беше телохранител на екс премиерот Никола Груевски и на 27. април 2017 беше со него во Виена.
Друг сведок на Нинџа е и Дејан Димковски Боксер, кој во досегашните сведочења беше споменуван како лице вработено во УБК.
Судскиот процес за крвавиот четврток се движи кон крајот. Останува судот до крајот на неделата да се изјасни дали ќе ги прифати дополнителните докази на одбраната, кои би требало да се изведуваат в петок. Потоа пред соопштување на пресудата, обвинителството и одбраната ќе треба да ги кажат и своите завршни зборови.
Инаку, како што информиравме во текот на денот, на денешното рочиште кое започна во 10 часот утрово, со искази пред судот излегоа обвинетите Игор Југ и Влатко Трајковски.