„Брако“ е единствена македонска компанија што произведува поцинкувана жица во земјата. Тендерот е добиен како резултат на добрата цена и фактот дека само „Брако“ произведува ваков тип жица. Со оглед на тоа дека неколкупати досега сме предмет на прозивања од страна на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, сакавме јавно да прашаме дали оваа партија сака да го фаворизира домашното производство или заговара увоз наместо раст на домашните компании, реагираат од комапнјата по обвинувањата кои ги изнесе опозицијата на денешната прес-конференција.
Јавно се откажавме од сите грантови на државата, од сите тендери за трговија каде јасно кажавме дека нема да учествуваме, но во овој сегмент, посочуваат од комапнијата, поцинкувана жица и мрежа сме единствени и најконкурентни во регионот.
Како што додаваат, секоја друга понуда е далеку поскапа од нивната, а квалитетот е неспоредлив. Го прашуваат ВМРО – ДПМНЕ дали тендерот треба да го добие посредничка фирма со повисока цена и тоа на штета на македонска фирма и најважно од сѐ на штета на државна институција? Во тој случај ќе се наштети на буџетот на државата бидејќи секој денар плус значи неодговорно трошење на средствата.
„Ние како компанија сме подготвени за секое сценарио, свесни дека еден од нашите сопственици е вицепримиер, кој всушност е малцински сопственик. Поставуваме прашање дали не треба да се јавуваме на тендери за производи на кои само ние ги произведуваме тие производи и имаме најдобра цена и секако дали со нашето повлекување ќе се нанесе штета и на државната институција и на нас како компанија, онаму каде сме најконкурентни со цена. Брако е лидер во регионот на производство на жичени производи со 96 отсто извоз во 21 држава. Компанијата е пример како една македонска фирма може да се развива и да расте постојано. Брако има голем број странски партнери, големи проекти во светот како што е производство на првите камиони во земјава и своето производство постојано го прошируваме“, пишува во реакцијата.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција зборуваше за тендер добиен од оваа компанија, наведувајќи дека е непријатно веќе да се гледа како вицепремиерот Кочо Анѓушев креира политики во кои дрќавни препријатија му префрлаат пари на неговите фирми.
– Медиумите повторно обелоденија уште еден скандалозен тендер на фирмата „Брако“, вреден скоро 40.000 евра за набавка на заштитна мрежа на одрони покрај патот добиен од Агенцијата за патишта на Република Македонија. Замислете, малку беа тендерите во ЕЛЕМ за струја, законите за литиумски батерии како што му одговараат, грантовите за неговите фирми од Фондот за иновации и сега му дојде до тендер вреден близу 40.000 евра. Како да нема друга фирма што изработува мрежа освен неговата на Кочо Анѓушев – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.