Бразилски туристи: Вашите домати, гравче и вино се експлозија од задоволства во устата

Тие се согласуваат со коментарите на многу други туристи кои ја посетиле земјава, дека за разлика од многу други земји каде земјоделските производи се како да се јаде пластика, македонските се со вистинска експлозија од задоволства во устата.

693

Валтер Зиантони и Паула Коста се бразилски пар, шумарски инженери и бизнис партнери кои се во посета на Македонија, со цел да дознаат нешто повеќе за производството на земјоделски производи и македонските природни убавини.

– Ние дојдовме тука да видиме зошто вашите производи се толку вкусни. Прв пат сме тука, а главна причина за нашето патување на Балканот, посебно тука, е тоа што имаме компанија „Црна земја“ со помош на која шетаме и дознаваме за тоа како се прави подобра храна. Научивме многу од вас – за „Плусинфо“ рече 37-годишниот Зиантони од Сао Паоло.

За Македонија слушнал дека е на Балканот, дека е многу интересна земја, дека има многу добра храна, како и добро земјоделско производство во неа.

– Слушнавме дека имате многу добри домати, праски, вино. Бевме во Скопје, работевме и го разгледавме градот, бевме и во Велес, одиме низ вашата држава, да ги видиме винариите, плантажите со грозје и да разбереме како се прави виното. Би рекол дека некои ваши вина се поубави од француски и италијански вина кои сум ги пробал. Виното што го пробавме беше специјално – нагласи Зиантони.

Некои од вината биле слични какви што тие имаат во Бразил. Зиантони рече дека не очекувал во Европа да најде толку убаво вино, како во Бразил.

– Сакаме да донесеме луѓе од Бразил да дојдат тука, да видат, да научат нешто поразлично, па планираме да ги донесеме на екскурзија можеби 15 дена и да видат различни начини на произведство вино, ракија, овошје, домати, лешници – појасни тој, додавајќи дека бил изненаден од тоа колку луѓето тука се топли и гостопримливи.

Ни кажа дека научил македонски зборови: добра, да да, на здравје, ракија, домати, бурек, добро утро, но научил и сочни пцовки.

Триесет и двегодишната Коста била изненадена од агрокултурата.

– Целата разновидност на производи кои ги имате во агрокултурата, мислам дека е многу убаво. Нешто што треба да научиме и на други места. Вие произведувате сешто. Секаков вид на овошје, зеленчук, месо, сирење и слично, квалитетна исхрана. Квалитетот на агрокултурата, разновидноста. Тоа е одлично. Најмногу ми се допаднаа доматите и гравчето, а секако и виното. Виното што го пробавме е целосно различно од оние во други делови на Европа – рече таа.

Таа ни кажа дека тие немаат толку многу грозје во Бразил. Најубаво вино ѝ било црвеното, иако и темјаниката ѝ се допаднала. Кажа дека никогаш претходно не пробала нешто такво.

Нивните домати не биле исти како нашите.

– Имаат друг вкус, има некои состојки тука што се чувствуваат, имаме ние домати но  вкусот е поразличен. Цлосно различен. Не знам дали станува збор за климата или нешто друго. Би сакале да имплицираме некои работи од тука, кај нас. Во Бразил нема дрвја со лешници и ореви. Нашата клима е поинаква – додаде Коста.

Таа рече дека ја учи ќириличната азбука, која смета дека е мошне тешка, а би сакала во иднина повторно да дојде во нашата држава.

– Почнавме со Франција бидејќи бевме таму за конгрес, па оти дојдовме за тоа во Европа, одлучивме да останеме малку подолго и да посетеме други држави. Потоа бевме во Италија, Албанија, а сега сме тука. Балканот е можеби најинтересен регион во Европа. Сакаме да го посетиме целиот Балкан – додаде Коста.

Тие се согласуваат со коментарите на многу други туристи кои ја посетиле земјава, дека за разлика од многу други земји каде земјоделските производи се како да се јаде пластика, македонските се со вистинска експлозија од задоволства во устата.

„Црна земја“ е заедничката компанија која има консултантска дејност за аргономско шумарски системи на одгледување.

Нивната пријателка од Македонија, Александра Ефтимовска од Скопје, додаде дека тие во Бразил ги немаат истите растенија, имаат други видови растенија, ама го имаат системот на одгледување да не биде само една култура, да не биде само пченка, туку да биде комбинирано, да има дрвја, да има зеленчуци, да има пченични производи и слично. Да живеат сите едно со друго заедно.

– Тие треба тука да ги разгледаат растенијата што ние ги имаме, за да ги применат нивните системи на одгледување, како тој за пермакултура, нешто за што би рекла дека е повеќе од органска храна – нагласи Ефтимовска.

Сите тројца беа дел и од регатата по Вардар, која беше во организација на Здружението „Винотек”. Рекоа дека си поминале супер на атрактивниот настан, за кој сѐ повеќе и повеќе се зборува и дека сакаат пак да дојдат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...