Браво! Пред нас се легитимни и достоинствени изборни процеси!

Е, ова е лажна вест со епски димензии, драги сограѓанки и сограѓани! Следната ќе биде во мој стил.

1061

Сите проблеми во изборниот систем во Република Македонија се решени. Дури ни премиерот Заев и неговите најблиски соработници не мораа да интервенираат и да ја завршат работата на другите. Овој пат, институциите, експертите и невладините организации кои самите се повикаа и бесплатно работеа, ги решија сите проблеми што со години грубо го газат правото на глас и ги понижуваат граѓанките и граѓаните. Процесот беше транспарентен и им овозможи на медиумите и пошироката јавност целосен увид во постапките, а беше обезбедена видливост и на коментарите, прашањата и предлозите кои доаѓаа од заинтересираните и засегнатите гласачи.

Немаше пазарења и одложувања, партиите сложно ги прочешлаа законите и ги модифицираа во согласност со демократските стандарди и доброто владеење. Не се трудеа да го опструираат процесот и да си обезбедат законски можности за полнење на партиските буџети со јавни пари, а уште помалку обезбедија простор за какви било манипулации и штелување на финансиските извештаи од финансирањето на своите кампањи.

Се модификуваше и Кривичниот законик и се избришаа параграфите во кои практично се озаконува купувањето на гласови од страна на правни лица. Навистина, имаа повеќе од доволно време сето тоа да го сторат, но барем го поправија изборниот систем на тој начин што можеме да се гордееме како лидери во регионот. Сега можеме да здивнеме.

Ги поедноставија процедурите за учество на граѓанките и граѓаните во брзата, транспарентна и исцрпна анализа и чистење на Избирачкиот список. Партиите, институциите и новиот состав на Државната изборна комисија решија децениски проблем. Повеќе нема простор Избирачкиот список да биде алатка за штелување на изборните резултати и главен извор на нервоза и понижување на гласачите.

Нема веќе фантоми, нема починати лица, „позајмени“ идентитети, ништо од тоа за што, инаку ситничавиот и крајно незгоден Цивил и експертите што им помагаат, со години вревеа на цел глас, а јавноста не ги слушаше. Нивниот глас се слушна, предлозите беа разгледани и прифатени.

Нема веќе вицеви на сметка на ДИК чиј нов состав беше избран на транспарентен начин, со обезбедени услови за негово беспрекорно законско работење, без дрски злоупотреби и раскалашност со јавните пари. Претходниот состав на ДИК беше земен на одговорност за лошо завршената работа, злоупотребите и партиското послушништво, ги вратија сите пари и им беше укината апанажата од 1.000 и повеќе евра месечно.

Новиот ДИК одлучи да не оди во разуздан шопинг на нов мебел, софтвер, опрема и други скапи играчки, само неколку недели пред историскиот референдум. Напротив, одговорно ја вршат својата функција и не ја префрлаат одговорноста за малкуте ситни преостанати проблеми врз грбот на МВР и другите институции.

Нашите луѓе во дијаспората имаат добра можност, конечно, лесно да го искористат своето право на глас и достоинствено да учествуваат во креирањето на иднината на нивната родна Македонија.

Нема веќе простор за политичка корупција, притисоци, уцени и насилства. Меѓународната заедница што истури огромни пари во изборниот систем во Македонија, конечно, здивнаа, бидејќи македонските политичари, ДИК, институциите и невладините организации завршија одлична работа. Отсега па натаму, гласачите ќе имаат достоинствени референдумски и изборни процеси пред нив.

Е, ова е лажна вест со епски димензии, драги сограѓанки и сограѓани! Следната ќе биде во мој стил.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...