Бошњачки демократски сојуз повика на гласање „за“ европска Македонија

101

Бошњаците како народ отсекогаш биле на страната на прогресивните сили на Република Македонија. Тоа го докажале уште во далечната 1991 година кога на 8 Септември недвосмислено ја подржаа независноста на нашата заедничка држава Република Македонија, наведуваат од Бошњачкиот демократски сојуз во нивниот повик до граѓаните да гласаат „за“ на референдумот.

„Во изминатиот период, Бошњаците заедно со Македонците и со припадниците на останатите народи кои живеат во Република Македонија, дадоа свој придонес во развојот на државните институции и демократијата во Република Македонија. Припадниците на бошњачкиот народ се познати по својата добрина, почитување на други вери и народи, имаат разбирање за проблемите и предизвиците со кои други се соочуваат и секогаш се подготвени да помогнат. Денес, кога од независноста на Република Македонија поминаа 27 години, нашите граѓани и нашата заедничка држава се соочени со нов предизвик, а тоа е референдумот закажан на ден 30 септември 2018 година“, пишува во соопштението.

На овој референдум, граѓаните на Република Македонија ќе имаат историска шанса да се изјаснат и да одлучат за својата судбина и за судбината на нашата заедничка држава Република Македонија.

„Гласајќи ЗА, граѓаните на Република Македонија ќе го поддржат постигнатиот договор со Грција кој гарантира членство на нашата држава во НАТО и ЕУ и воедно на нашите сограѓани Македонци им го гарантира нивното национално име, јазикот, културата и идентитетот. Бошњачки Демократски сојуз како партија која е единствен легитимен политички претставник на бошњачкиот народ во Република Македонија ги повикува своите членови, симпатизери и активисти, како и сите припадници на бошњачкиот народ кои живеат во Република Македонија да излезат на референдумот на 30 септември 2018 година и да гласаат за европска Македонија“, потенцираат од партијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...