Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека откако ќе биде направена анализата околу актуелните вработувања на лица блиски на функционери и пратеници, доколку се покаже дека има форми на протекционизам, тогаш ќе се реагира.
– Процесот е почнат и ние сакаме да заврши што побрзо, за да ја информираме јавноста. Премиерот беше прилично јасен – правиме проценка и кога ќе се направи таа анализа секаде каде ќе се утврди дека има форми на протекционизам, ќе се терминираат тие работни позиции – рече Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.
Премиерот Зоран Заев вчера најави дека актуелните вработувања во државни и општински институции на лица блиски на функционери и пратеници ќе бидат разгледани и доколку бидат утврдени неправилности, ќе биде побарана одговорност.