Босилков: Ако не преземеме акција, родените по 2000 година нема да доживеат длабока старост

2974

Човештвото во моментов е како жаба во врела вода, и ни истекува времето да го изгаснеме огнот. Ако не преземеме масовна колективна акција на ниво на целиот свет, генерацијата родена по 2000 година нема да доживее длабока и мирна старост, посочува во интервју за МИА Иво Босилков, докторант на Универзитетот во Милано, еден од организаторите на протестот против климатските промени што ќе се одржи утре пред Владата.

– Ние сме еколошка црна дупка на Европа и мораме да направиме дури и повеќе од останатите за да го намалиме загадувањето на воздухот. Ако не се оправиме сами, друг не може да нè оправи“ – вели Босилков.

Тој за иницијативата „Петоци за иднината“што се најавува низ целиот свет, па и кај нас вели:

– „Fridays For Future“ е идеја од младите, за младите, во целиот свет. Нејзин духовен лидер е Грета Тунберг, девојката која почнувајќи од минатото лето ги напушташе часовите секој петок за сама да демонстрира пред шведскиот Парламент. Нејзиното барање беше многу едноставно, да се сфатат климатските промени конечно како што се – закана за постоењето на човековата цивилизација. Девојката стана еколошка икона затоа што со едвај 15 години покажа повеќе свест и одговорност за иднината на планетата од сите лидери на светот. Луѓе почнаа да ја следат, да се придружуваат на нејзините протести, затоа што во неа видоа надеж дека новите генерации имаат потенцијал да ја сменат судбината на светот. Денеска таа е симбол и инспирација за целото движење наречено „Fridays For Future“, кое прерасна во глобална хоризонтална мрежа не само на екоактивисти, туку и на илјадници прогресивни млади луѓе. Во тоа движење тие ја гледаат последната шанса да ја спречат климатската катастрофа, и в петок ќе излезат во повеќе од илјада градови речиси во сто земји да ја испратат својата порака. Еден од тие градови е и Скопје. Се надеваме дека ќе придонесеме достојно на светскиот зелен бран и ќе го зголемиме притисокот врз властите и кај нас да го завршат нивниот дел од работата.

Мерките што треба да ги преземе државата со цел намалување на загадувањето на воздухот според Босилков се строги казни за какво било надминување на дозволеното загадување од индустриите, премин кон обновливи извори на енергија на местото на термоелектраните на јаглен, воведување електричен јавен превоз.

– Проблемот не е дека властите не знаат што треба да направат, проблемот е што не сакаат. Ние сме тука да ги натераме да сакаат, затоа што џабе ќе им биде спрегата со олигарсите, ако направат непријател од целиот народ. Тие планираат изговори од типот дека сме мала и небитна земја, но тоа е лага. Ние сме еколошка црна дупка на Европа и мораме да направиме дури и повеќе од останатите. Ако не се оправиме сами, друг не може да нè оправи – порачува Босилков.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...