Новинарот Борјан Јовановски се залага државата да биде хумана во врска со барањето за враќањето на пасошот на Сашо Мијалков заради лекување во странство.
„Искрено, јас исто мислам дека државата пред сѐ, треба да биде хумана. Ако постојат инструменти со кои ќе се превенира било каква злоупотреба на дозволата и ако дијагнозата навистина упатува на потреба од тоа, нормално е да се излезе во пресрет“, пишува Јовановски откако на социјалните мрежи се разви дебата во врска со враќањето на пасошот на Мијалков.
Инаку денеска, Кривичниот суд во Скопје го одби барањето на Сашо Мијалков да го добие пасошот назад со цел да му биде укажана лекарска интервенција која не се изведува во Македонија.
Од судот велат дека Советот добил мислење и од СЈО, кое се противело на барањето.
На Мијалков пасошот му е одземен во случајот „Титаник 2“, каде тој е првостепено осуден на три години затвор. Пресудата сѐ уште не е правосилна бидејќи се чека одлука на Апелација за жалбите.
На ексшефот на УБК веќе еднаш му беше одбиено вакво барање. По вадењето на дополнителни медицински документи, тој поднесе ново, но и тоа сега е одбиено.
Против решението на Кривичниот совет, адвокатите можат да поднесат жалба до Апелација во рок од 3 дена.