Седумината македонски државјани кои се бореле за ИСИС, а лани во август беа вратени во земјата, денеска во Кривичниот суд ја признаа вината.
Сите се обвинети за учество во странска војска, а едно и за делото терористичка организација.
За потсетување, тие беа вратени во претходното лето во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили. Тие беа уапсени и предадени на македонските органи.
„По спроведена истрага, во декември минатата година од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, беше поднесено обвинение против седум лица. Обвинетите со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак. Обвинетиот кој се терети за две кривични дела бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“, потсетуваат од обвинителството.
Освен учество во паравоените формации, тие собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица.