Борис Џонсон: Нов референдум ќе предизвика бес, ЕУ ја водат копилиња

328
ФОТО: EPA / NEIL HALL

Новиот референдум за Брегзит ќе предизвика бес кај Британците, изјави денеска Борис Џонсон, поранешен шеф на дипломатија и жесток поборник за повлекување на Велика Британија од ЕУ, критикувајќи ги, како што рече, „копилињата кои ја водат Европа”.

– Мислам дека тоа нема да биде можно. Мислам дека бесот би бил премногу силен. Луѓето би биле целосно бесни поради идејата за повторно гласање за тоа – рече Џонсон на конференција во Њу Делхи.

Тој истакна дека кампањата за референдумот во 2016 година била „многу тешка” и оти земјата е длабоко поделена, а новото гласање би го имало истиот ефект.

Џонсон минатата година ја напушти владата на Тереза Меј во знак на протест поради нејзиниот нацрт-договор со ЕУ, кој предвидува границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска да остане отворена, таканаречен „бекстоп“ .

Британскиот парламент, во меѓувреме, го отфрли договорот и британската премиерка се наоѓа во политичката бура како што се приближува 29 март, предвиден датум за Брегзит.

Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата дека Брегзит е „ксенофобичен, националистички и реакционерски феномен”.

– Мојата замерка кон ЕУ е дека ја водат странци. Проблемот е што не знаеме кој ја води. Би било невозможно да ви кажам кои се тие, што прават, како дошле на функции или како може да се сменат – рече тој.

На поранешниот шеф на британската дипломатија му излета дека „нема идеја како да ги отпушти тие копилиња”, но брзо се коригира.

– Не велам дека се копилиња. Но, милиони и милиони луѓе во Велика Британија немаат поим како функционира системот. Тоа им е сосема туѓо – вели Џонсон.

ФОТО: EPA / NEIL HALL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...