Ќе беше предавство доколку по она за што прочитав вчера, по средбата од 120 секунди меѓу премиерот Заев, министерот за надворешни работи и претседателот Иванов, него денеска да го пречекам со фанфари и почести. Затоа проценив дека денеска не е моментот, рече во Софија бугарскиот премиер Бојко Борисов одговарајќи на новинарски прашања за одбивањето да се сретне со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој од денеска е во дводневна посета на Бугарија. И вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева ја откажа средбата со Иванов закажана за утре во Софија.
Бугарскиот премиер рече и дека и на Иванов, за кого вели дека му изразува почит, му е јасно дека Бугарија и посакува само добро на Македонија.
– Кон претседателот Ѓорге Иванов секогаш сум се однесувал со огромна почит. Претседателот Иванов одлично знае дека единственото што го посакуваме за Македонија е европска интеграција, влегување во ЕУ и НАТО, просперитет и поврзаност – дополни Борисов и откри дека при нападот на Собранието на 27 април 2017 година, првите на кого му се јавиле и претседателот Иванов и Зоран Заев и Никола Груевски, бил тој.
– Направив сè што е можно за проблемот да се реши мирно – објасни бугарскиот премиер.
Борисов порача и дека ако не се придвижи напред проблемот со името на Македонија, тој е песимист за развојот на Балканот.
– Ако прашањето за името на Македонија не се придвижи, не само што не сум оптимист, туку и ќе станам целосен песимист за равојот на Балканот. На сите им е јасно дека додека не се постигне договор за името, нема никаква шанса да мрднат напред, ниту шанса за НАТО и ЕУ – рече бугарскиот премиер.
Тој ги пофали и грчкиот и македонскиот колега.
– Независно што се социјалисти, Алексис Ципрас и Зоран Заев се исклучително храбри. Македонците го сакаат тој збор. Тие се смели премиери од за мене противничкото политичко семејство. Но тие ја имаат целата моја поткрепа за напорите и ризиците што ги преземаат. Тоа се непопуларни, тешки решенија и за двата народа – порача Борисов.