Бугарскиот премиер Бојко Борисов смета дека на Балканот има разумни и искусни политичари, па се надева дека проблемите ќе бидат надминати.
На меѓународниот економски форум во Пловдив, говорејќи за односите со Македонија, тој рече дека наместо да нѐ обединуваат, хероите како Гоце Делчев нѐ разделуваат.
„Нашиот херој Гоце Делчев стана повод за коментари во сите насоки. Тој е херој кој вложил сѐ за слободата на Македонија. На истиот начин Че Гевара, Аргентинец, се борел за Куба, а загинал во трета држава. Наместо да нѐ обединуваат, овие херои стануваат јаболко на раздорот”, изјавил Борисов.
Како што пренесува БТВ, Борисов ги повикал балканските држави на повеќе разум и взаемна економска соработка, а не на продолжување на конфликтите.
Тој изразил надеж дека заедничката експертска бугарско-македонска комисија во најкус можен рок ќе ги донесе потребните заклучоци за да може Бугарија да ја поддржи Северна Македонија за членство во ЕУ.
Борисов очекува дека Бугарија и Северна Македонија ќе ги задржат добросоедските односи.
„Имаме ретка шанса, на оваа земја наречена Балкан, натопена со крв како никое друго место, да создадеме прекрасна бизнис клима”, додаде Борисов.
ФОТО: EPA / STR