„Бомби“ за „Монструм“: Беџети одбивал да потпише за екстрадиција, се слушаат и гатачката и мајката на Груевски

4150

Бомбите за „Монструм“, вкупно 25, денеска се слушаа на рочиштето за овој судски процес кој продолжи со истите обвинители, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, но под надлежност на редовното обвинителство.

Во разговорите се слушаа гласовите на поранешната власт и блиски луѓе до нив. Во еден од нив, Миле Јанакиески на соговорникот му кажува дека децата биле рафално убиени, а рибарот бил убиен затоа што бил сведок.

Во друг разговор од 16 април 2012 година Миле Јанакиевски и Гордана Јанкулоска разговараат за тоа до каде е истрагата и дали имаат траги за сторителите.

„Ќе ни треба време. Досега не сме имале ваков случај. Јас сум стално оптимист, но тешко е. Вакво нешто немало во историја на Македонија. Имало војници, но ова се деца, пет цивили никогаш немало, ни во војна“, вели Јанкулоска.

Во разговор од 23.08.2013 година, Горадана Јанкулоска се консултура со Сашо Мијалков за некое барање на Блерим Беџети, да биде ослободен некој од обвинетите како помошници во „Монструм“, поради влошена здравстена состојба.

Истиот ден, во друг разговор, Јанкулоска зборува со Блерим Беџети, кој ја информира дека еден помагачите во Монструм е сериозно болен и дека од партија му бараат да зборува за тоа.

„Бидејќи е помагач, исполнети се условите за прекин на казната“, вели Беџети, на што Јанкуловска му кажува дека случајот во водела УБК и треба да зборува со Сашо Мијалков, кој е подобро запознаен со случајот.

Љупчо Тодоровски, во разговор од 14 март 2013 година, се жали на Сашо Мијалков, дека Беџети не сакал да го потпише барањето за екстрадиција за обвинетите во „Монструм“ од Косово. Истиот ден Јанкуловска разговара со Блерим Беџети за барањето за екстрадиција.

„Имаме комуникација и таму. Сѐ добро ќе заврши. Утре ќе биде испратен за Приштина предметот. Јас мислам нема да има проблем“, ја уверува Беџети, Јанкуловска, но бара и да нема рочишта за предметот пред изборите.

Покрај функционерите, има разговори и на гатачката на експремиерот Никола Груевски и неговата секретарка Ленче Самарџиска, како и на неговата мајка, Нада Груевска со неговиот братучед Влатко Мијалков која кажува оти имала нејзин став и го пратила на ексдиректорот на УБК.

Повеќето разговори не открија ништо суштинско за овој случај.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...