„Бомби“ за локалните избори во 2013 година се слушаат денеска во Кривичниот суд во Скопје на рочиштето за предметот „Титаник“ за изборни нерегуларности.
Во еден од разговорите, се слуша женски глас како му реферира на екс министерот за транспорт и врски дека живее близу со дом за деца без родители и оти поминала таму, прашала и имало деца кои се полнолетни и ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
– Имаме две деца кои се со лична карта во Скопје, имаме уште 6 дечиња во другите градови. Тие ќе гласаат за Груевски, како што они викаат, само бараат да им се плати превоз – вели соговорничката на Јанакиески.
Тој ѝ одговара да дојдат децата со сметките и ќе им ги рефундираат парите.
Во разговорите се слуша и за организирање на автобуси за иселениците во Италија, Австрија… кои требало да се донесат на гласање, за списоци со затвореници итн.
Можеа да се слушнат и разговори за гласачите од Мала Преспа во Центар за кои Јанакиески во еден од разговорите кажува дека е против тоа, како и за противниците кои работеле за Андреј Жерновски.
Така во еден разговор се споменува пожарникар кој работи на аеродром, а работел во кампањата за Жерновски.
– Кажи му да почне да работи за нас инаку ќе лета од работа – му вели Јанакиески на неговиот соговорник.