Јавноста денеска ќе може да слушне разговори помеѓу првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и осудениот Зоран Милевски Кичеец, отако вчера шефицата на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, Вилма Рускоска, се согласи да се презентираат и снимките кои минатата недела беа прикажани зад затворени врати затоа што содржеле и приватни разговори.
Јовановски бараше и во минатото рочиште да се прикажат пред новинарите сите докази од УСБ-то на Кичеец, велејќи дека на тој начин ќе се отвори Пандорината кутија во судскиот процес, а се согласи новинарите да ги слушнат и неговите приватни разговори со Кичеец затоа што така ќе дознаело како Милевски манипулирал со него.
И обвинетата поранешна специјална јавна обвинителка Катица Јанева бараше јавно да се прикажат сите снимки зашто, со нив, како што рече, почнувала нејзината одбрана, а ќе се видело кој нуди поткуп, кој рекетира и кој манипулира во случајот.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.