Министерството за здравство реализира повеќе мерки за унапредување на здравствената заштита за сите граѓани во нашата држава и за унапредување на статусот на здравствените работници. Се грижиме за здравјето на сите граѓани. Целта е јасна – достапна здравствена заштита за сите граѓани, подигнување на квалитетот на здравствена заштита и условите за работа на лекарите и останатиот медицински персонал со подобрување на условите и квалитетот на услугата, изјави министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, кој денеска се сретна со раководството и персоналот на Општата болница со проширена дејност Кавадарци, каде заеднички го одбележаа 7 април Светскиот ден на здравјето.
Се чини дека по визитата од ресорниот министер, оваа болница ќе се спаси од затварање, можност која Филипче ја најави во минатата недела, дека на некои од општите болници во јавното здравство ќе им биде ставен клуч на врата поради недоволната искористеност или ќе бидат „позајмени“ за моделот јавно приватно партнерство и можеби пренаменети за други здравствени услуги на пациентите. Тоа во јуни ќе треба да го покаже физибилити студијата.
Како што соопшти Министерството за здравство, Филипче на вработените им честиташе на посветеноста и истакна дека минатата година беше успешна за оваа болница.
– Го враќаме достоинството на сите здравствени работници. Во текот на минатата година се вработени голем број на здравствени работници, а во 2018 година во Општата болница со проширена дејност Кавадарци има 46 вработувања. Задоволен сум што здравствените работници од оваа болница добија покачувања на своите плати. Ги зголемуваме и коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници. Првпат специјализантите земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар – потенцираше министерот Филипче.
Со измената на Законот за здравствена заштита, од годинава секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавно здравство. Тоа значи дека секој лекар, кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на здравствени домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега.
– Во Oпштата болница со проширена дејност Кавадарци, беа исполнети повеќе цели во минатата година – набавка на современи апарати за дијагностика, отворен модерен ургентен центар, реновирана биохемиската лабораторија, и зголемен е обемот на работа со проширување на дејноста на болницата, со цел интегрирање на давањето здравствени услуги на пациентите од овој регион – рече министерот Филипче.