Болните од хронична леукемија имаат лекови за уште некој месец

Оваа болест се јавува кај лица на возраст под 50 години, токму во репродуктивниот период, а овие болни за среќа може да имаат деца и се следат со редовен мониторинг.

130

Се плашам болните од хронична миелоична леукемија (ХМЛ) за неколку месеци да не останат без терапија со еден од лековите „тасигна“, бидејќи резервите се трошат, а тендерските процедури за набавка се бавни. Последиците по пациентите се лоши, ако настапи прекин во лекувањето. Во земјата има околу 150 болни од овој вид леукемија, а благодарение на соработката со здравстените власти во минатата година обезбедени се соодветни лекови и тоа цела лепеза од препарати, рече Пепо Леви, претседател на Здружението на болни од ХМЛ, на одбележувањето на Меѓународниот ден на заболените од ова заболување, кое се одржа денеска на Медицинскиот факултет во Скопје.

Од 2011 година, кога за првпат е ставен на позитивната листа лекот „гливек“, на располагање на пациeнтите се и втората и третата генерација од овој препарат.

– Сега се обидуваме да биде додаден уште еден лек, кој е во фаза на испитување – додаде Леви.

Фалат клинички студии     

Хематолози кои ги лекуваат заболените од овој вид леукемија, оценија:

– Подобрена е дијагностиката на заболувањето во земјата, но ни фалат клинички студии. Ние ги ставаме на терапија болните од хронична леукемија, а тренд во светот сега е обидот за прекин на терапијата, која досега беше доживотна. Но се откри дека дел од пациентите имаат исто преживување, како и генерациите без ова заболување, бидејќи се најде лек за ова малигно заболување. ХМЛ е прва потполно излекувана малигна болест, кај која кај 40 до 50 отсто болни може и да се исклучи терапијата. Но тоа бара ригорозно мониторирање на пациентите – рече проф. д-р Оливер Каранфилски, хематолог на Клиниката за хематологија.

Тој денеска, на одбележувањето на Денот на ХМЛ, имаше и излагање на тема „Нови заклучоци и сознанија кај Стоп третман – Дали светските практики се применуваат и во Македонија и колку се успешни“.

Според статистиката, во добра здравствена состојба се 40 до 50 отсто од болните. Има и потполно излекувани, кај кои може и да се исклучи терапијата. Годишно во земјава има од 5 до 20 новозаболени од оваа болест. Кај половина од пациентите со време болеста може повторно да се јави.

Станале и родители, иако имаат ХМЛ 

Д-р Божидар Кочоски, хематолог на Клиниката за хематологија, имаше излагање на тема „Дали заболените од ХМЛ можат да продолжат нормално со репродуктивниот циклус – односно дали можат и смеат да имаат децa“.

– Оваа болест се јавува кај лицата на возраст под 50 години, токму во репродуктивниот период, а овие болни за среќа може да имаат деца и ние ги следиме со редовен мониторинг. Во земјава веќе и имаме пациенти кои станале мајки и татковци, иако имаат хронична леукемија – потврди д-р Кочоски.

Предиспозиција за појава на ова заболување, за среќа, нема кај децата чии родители имаат ХМЛ, истакна д-р Каранфилски.

Д-р Maрица Павковиќ, хематолог, денеска зборуваше за Современите терапии и третмани кај заболените од ХМЛ и колку истите се применуваат во Македонија. Еден од првите знаци на ХМЛ се зголемени леукоцити, кои се откриваат најчесто при систематски прегледи или при случајни или редовни прегледи кај матичните лекари – доволно е да е направи крвна слика.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...