Сега пред референдумот Македонија живее во еден посебен амбиент, со очекувања што ќе се случи со референдумот, дали тој ќе успее или не. Се прават анализи, анкети за да се испита јавното мислење, резултатите се различни, од тоа дека референдумот ќе успее, нема да успее, ќе биде бојкотиран, секој има свое мислење.
Најголем проблем претставува не изјаснувањето на опозицијата, која до 10 септември нема да го објави својот став. Лидерот на ДПМНЕ, Мицкоски, во последното интервју на Сител изјави дека посетиле 50.000 фамилии, го барат мислењето на народот за да донесат одлука која ќе биде соопштена на 10 септември. Демек тие да ти биле народна партија и без мислење на народот ништо не решавале! Без ставот на опозицијата за референдумот, не се знае дали воопшто ќе го има, сите опции се отворени.
Јас во моја сопствена режија на случајни минувачи поставував прашање како ќе гласат на референдумот и бев непријатно изненаден од одговорите, дојдов до заклучок дека 90% ќе гласат против влез во НАТО и ЕУ со поддршка на Договорот со Грција. Тоа ме фрапира и почнав да размислувам за тоа каков е овој македонски народ што не разбира дека влезот во НАТО и ЕУ е опстанок на државата Македонија и подобрување на стандардот на населението. Едноставно не сака да размислува што се добива со Договорот, повеќето од „анкетираните„ не се согласуваат со промена на името, после тоа со губење на идентитетот, а имаше и такви што одговараа „зошто да гласам, што добивам„ и тн. Кога сакав да разговарам на таа тема, моите „испитаници„ бегаа и не прифаќаа објаснување.
После мојата „анкета„ почнав да размислувам дека мнозинството од македонскиот народ не сака влез во НАТО и ЕУ и не го поддржува Договорот па си го поставив прашањето на што се должи тоа. Мислам дека одговорот на ова прашање лежи во фактот што македонскиот народ, мнозинството со членовите на ДПМНЕ, е прост, неписмен, примитивен, тешко ги разбира работите, не сака ништо да прифати, апсурдно размислува без никаква логика за стварите, плашлив, скржав, завидлив, мисли само за себе и што е најважно за ништо, па ниту за Договорот, има свое лично мислење. Не знам како може да му се објаснат предностите на Договорот кога нашиот просечен човек не сака да слуша, ако чуе не разбира, ако разбере не прифаќа. Едноставно болен народ!
Партијата ДПМНЕ и нејзиното раководство е посебна прикаска. Јас во една моја колумна напишав дека ДПМНЕ е штетна за Македонија, што се докажува по прашањето на референдумот. Не може да се разбере како опозицијата да нема свој став по референдумот! Па тоа е неразбирливо, неразумно и многу одлепено. Лидерот на опозицијата, конфузниот Мицкоски, зборува дека со Договорот се губел идентитетот, се тргувало со идентитетот, биле за НАТО и ЕУ но се против Договорот без да објасни која е нивната алтернатива, и што е најважно целата Македонија ја држи во заложништво со барање на амнестија. Како не е го срамота, универзитетски професор да бара амнестија за криминалци! Бати професорот! Она пак Џуџето Милошоски бара пари од државата за да води бојкот против референдумот! Види му го паметот! Овие оптужените за случајот 27 април не биле криви, тоа било политичка хајка, тие го бранеле Уставот! Не е јасно како се брани устав со тепање на пратеници со намера да се убие Заев! А оние квази интелектуалци или будалетинки како Сотир Костов, некој си Алдо Климан, некој си Никола Србов и други анонимуси пишуваат такви будалштини во опозициониот портал „ Република„ што на човек му се гади кога ги чита, ако воопшто некој ги чита. Какви апсурди, каква искривена вистина, нешто абнормално, едноставно лудило…
Универзитетски професор е грчката професорка Марилена Копа која на академската конференција организирана од Министерството за надворешни работи на Грција ќе изјави дека Договорот од Преспа е добар и фер за двете страни. И двете страни добиваат во областа што ја сметат за важна, Грција името, кое ефективно го разделува делот – независната држава од целината пошироката географска област на Македонија, која им припаѓа на три земји, додека ПЈРМ ги доби интензитетот и јазикот. Ова ПЈРМ специјално го оставив во текстот за да разбере опозицијата, доколку не успее референдумот, ПЈРМ погрдо име од Северна Македонија ќе остане за век и веков. Зошто ова не може да го разбере нашиот „универзитетски професор„ Христијан Мицкоски?
Нашата академија „ману„ (напишана со мали букви поради нејзиното значење, позајмено) е во вечна хибернација. Поради нејзината некорисност и’ предлагам на Владата да предложи закон за нејзино укинување како непотребна и штетна, а до тоа време да им ги укине сите привилегии и хонорари (слушам дека Груевски за да ги заќути им дал на академиците по 500 евра месечно награда). Каков народ таква академија, болен народ болна академија!
Да ја прескокнеме академијата и така неа за ништо не ја бидува, туку нашето министерство за надворешни работи да организира катедра, тркалезна маса или јавна трибина со сите интелектуалци, без квази интелектуалците, на која ќе се расправа за договорот со Грција и заклучоците од расправата да бидат објавени во дневна штампа и телевизии, на портали, на социјалните мрежи како мислење по Договорот ма Македонската интелигенција. Но Ве молам не канете академици, само интелектуалци. Мислењето на интелектуалците е важно за обичниот народ да се поправи мислењето за позитивно гласање на референдумот.
На крајот да заклучам. Македонскиот народ, барем поголемиот дел, заедно со поголем дел од членовите на ДПМНЕ, со својот простота, примитивизам, глупост, не нормалност и со своето однесување, посебно сега по Договорот со Грција, ми наликува на болен народ. Не знам дали постои лек за болеста, најверојатно лекот е во смена на генерациите. А до тогаш ако преживееме…