Боки 13: Се чувствувам како политички затвореник, добивам закани за физичка ликвидација

510

Се чувствувам како политички затвореник, не исклучувам и штрајк со глад, добивам закани за физичка ликвидација, ова е брутално кршење на моите права и се чувствувам дискриминиран и понижен, се пожали првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски пред судечкиот совет на денешното рочиште.

– На кого му одговара да не се дознае вистината за „Рекет“ и кој сака моја физичка ликвидација – праша Јовановски кој рече дека е во многу лоша здравствена состојба и дека е во нееднаква положба во однос на другите обвинети за што преку писмо ги информирал и странските дипломати во земјава, а и Хелсиншкиот комитет.

Тој утрово беше спроведен од затворот во Шуто Оризари и при влегувањето во судницата прво на сите им посака Среќна Нова година, а потоа од судијката Васка Николовска Масевска која претседава со судечкиот совет во „Рекет“ побара збор за, како што рече, да извести за својата влошена здравстена состојба и за бруталното прекршување на неговите права.

– Уставот забранува секаков вид мачење, за мојата лоша здравствена состојба и за заканите за ликвидација ги известив и обвинителката Русковска и јавниот обвинител Јовески, но не добив никаков одговор. Ќе ги искористам сите правни лекови да добијам еднаквост во правната постапка, не исклучувам и штрајк со глад – додаде Јовановски.

По завршувањето на судското рочиште кое продолжува на 20 јануари, адвокатот на Боки 13 Сашо Дуковски потврди дека Боки 13 добивал закани, но рече дека во овој момент од постапката не може да открие кој му се заканува на Јовановски.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...