Боки 13 на рочиштето за „Рекет“: Не сум во свесна состојба да го следам судењето

2582

Не сум во свесна состојба и не можам да го следам судењето, рече првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски познат како Боки 13 на прашање на судијката Васка Николовска Масевска како се чувствува. Судењето почна со еден час задоцнување, се чекаше да биде спроведен Боки 13 од затвор.

Во судницата освен обвинетите ексшефицата на СЈО Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец и нивните адвокати, присутни се и голем број новинарски екипи роднини на осудените и претставници од амбасадата на САД. Меѓу присутните е и професорот Светомир Шкариќ.

– Не се чувствувам добро. Од утрово десет пати повраќав, тензијата ми е намалена, имам исклучителна желба активно да учествувам во судењето, но не ми е добро и не сум во свесна состојба – рече Јовановски.

Овој негов исказ беше образложен и од неговиот адвокат Сашо Дуковски, кој рече дека со месеци наназад предупредувал за влошената здравствена состојба на Јовановски и дека не сака ова да се свати како обид за одолговлекување на постапката, туку дека Јовановски е со лошо здравје.

Обвинителката Вилма Русковска се спротивстави на исказите на обвинетиот и на неговиот адвокат, за кои рече дека се обид за одолговлекување на потапката. Таа тоа го потврди повикувајќи се на лекарската документација издадена од болницата „8 Септември“.

– Бидејќи лекарите утврдиле дека е во добра здравствена состојба и јас верувам во тоа. Ниту еден лекар не би си ја ризикувал кариерата и сметам дека на овој начин само се прави обид да се одолговлекува постапката – рече Русковска.

Судијката истакна дека во судот има медицинска екипа која ќе го прегледа обвинетиот, по што ќе се одлучи дали судењето ќе продолжи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...