Боки 13 како папарацо – тајно ја сликал Јанева во пижами со купчето од 50.000 евра

11528

Фотографијата и кратката снимка на која Катица Јанева, поранешната специјална обвинителка, е снимена во својот стан во Скопје, а пред неа на аголот од мала масичка можеше да се види снопче пари, за кои обвинителката објасни дека биле во евра од по 500 апоени, а имало вкупно 50.000 евра, дознаваме дека ја направил првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски Боки 13 и тоа скришум, без да забележи Јанева.

Ова се први фотографија и снимка прикажани на судењето во предметот „Рекет“ од обвинетата Јанева, а на која се гледаат пари.

Јовановски, кој седел спроти Јанева без да се посомнева поранешната специјална обвинителка, фатил кадар во домашна атмосфера, во дневна соба, буквално ја сликал Јанева во пижами како седи на кревет, нозете ѝ се покриени со ќебе, а на масичката стојат парите кои, како што кажа обвинителката Ивана Трајчева, биле завиткани со хартиена трака од Тутунска банка.

– Како ќе одлучат, така ќе планираме – кратко вели Јанева на снимката што ја прикажа Обвинителството за организиран криминал вчера во судницата во Кривичниот суд во Скопје.

Беше прикажана уште една фотографија на која Јанева била снимена во скопскиот ресторан „Ден и ноќ“ како става плик во чанта, но содржината во пликот остана непозната за јавноста.

Првата фотографија и кратката снимка со купчето пари пред обвинетата Јанева, Јовановски ја направил на 4 февруари лани. Претходно, Обвинителството како доказен материјал против Јовановски, алијас Боки 13 презентираше фактури за потрошени речиси 150.000 евра за три дена на шопинг во Милано, Италија, една недела откако тој заедно со Зоран Милески Кичеец ја изнесуваат торбата „Луј Витон“, тешка еден милион евра од домот на бизнисменот Орце Камчев.

Судењето за мега аферата „Рекет“ продолжува утре, а се очекува да бидат прикажани нови снимки што како докази ги доставил сведокот Камчев.

На преходните рочишта обвинителството презентираше снимки од безбедносните камери во домот на Камчев, а направени на 20 февруари лани. На нив се гледа како Зоран Милевски Кичеец, осуден на три години затвор, откако на почетокот на „Рекет“ призна дека е виновен, прво сам влегува во домот на бизнисменот. Потоа на друга снимка во куќата на Камчев доаѓа заедно со Бојан Јовановски. По половина час, во 16.10 часот, си одат со торби во рацете. Торбата „Луј Витон“ која завршува на задното седиште на портокалов џип марка „тирок“ ја носи Кичеец.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...