Боки се пожали: Оставен сум без парче облека

932

Обвинителството денеска преку УСБ ги презентира доказите против обвинитетите Катица Јанева и Бојан Јовановски за предметот „Рекет“.

Одбраната на двајцата обвинети регираше дека ги немаат добиено тие докази, на што обвинителката Вилма Русковска рече дека тоа не е точно.

– Им беа пуштени доказите со доставување на обвинението иако на тоа не сме должни. Денеска ли видоа дека ги немаат? Можеби некој доказ сме испуштиле да скенираме, но на паузата и тоа ќе им биде доставено – рече Русковска.

Првиот дел од доказите се однесува на наредбата за претрес на домовите на Јанева и на Јовановски, како и на одземениот телефон на девојката на синот на поранешната специјална обвинителка.

Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дукоски побара од Обвинителството конкретно да каже каква гардероба и од која марка е одземена при претресот во домот на Боки.

Русковска одговори дека кога гардеробата се предавала во агенција за одземен имот било наведено за какви марки се работи.

– Од гардероба се одземени 77 пантолони, 50 пара кондури, 15 пара патики, 15 пара чизми, 50 пара наочари, три часовника од марката ,„ролекс“, ташни, маси, теписони, украси сваровски и други предмети. Во домот на Јасминка Јовановска, мајка на обвинетиот Јовановски, се одземени 100 банкноти од по 50 евра – рече обвинителката Трајчева.

Перници „зебрано“, лустер, огледало, телевизор со заоблен екран, уметнички слики од Мартиновски и Личеновски, гарнитура, ламба… се дел од предметите кои ги одзело Обвинителството од домот на Бојан Јовановски.

Јовановски и неговиот адвокат ппобараа облеката да се донесе како доказ на суд, но судијката Васка Николовска-Масевска тоа не го дозволи.

– Оставен сум без парче гардероба и тоа е преседан – рече Боки.

Редакцијата на МКД.мк претходно направи збирна листа на запленетите предмети во вреќите. Според обвинението, избројале 60 капути, 22 јакни, 85 кошули, 75 чифта панталони, 186 пара очила за сонце, 134 чанти, 148 маици, 26 одела, 152 пара чевли, 45 пара патики, 36 пара чизми, 66 пара тренерки, 30 шешири, 29 пара фармерки, 33 ремени, 55 сакоа, 25 пара папучи…

Меѓу запленетите предмети кои се опишани на повеќе од 20 страници има и други докази, меѓу кои и уплатници, фискални сметки, потврди, мебел, дописи испраќани преку мејлови…

Доказите пред судот ги чита обвинителката за гонење на организиран криминал, Ивана Трајчева.

Додека обвинителството ги презентираше материјалните докази Јовановски од место дофрлуваше на што беше опоменат од судскиот совет дека ќе биде отстранет од судницата.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...