Лидија Младеновиќ, управителка на „Зона текс“ и „Зона мебел“ на денешното рочиште за „Рекет“ изјави дека не го познава лично првообвинетиот во случајот Бојан Јовановски и дека зборува со него само преку телефон.
– Знаев дека Јовановски одбрал мебел за телевизијата, но дека ќе го компензирал со реклами. Сумата беше голема, не можеше сè со компензација. Вкупниот долг што требаше да го плати, што не беше компензација, изнесуваше 296.000 денари. Ние не знаевме за каде му е мебелот. Договорот што го потпишавме не беше испочитуван. Ни компензација, ни плаќање на ратите за мебелот. Му пративме опомена пред тужба, па девојка дошла и оставила 2.750 евра како гаранција дека долгот за мебелот ќе се плати. Станува збор за долг за кожена аголна гарнитура, две кожени фотелји и масичка од брендот „калигарис“ – рече Младеновиќ.
Таа рече дека биле потпишани два договора. Прво бил одбран мебел за телевизијата на Бојан, 1 ТВ. Со другиот договор е одбрана кожна гарнитура со две табуретки.
При претресот кај Јанева беше одземена гарнитура. Бранителката на Катица Јанева, Ирена Фрчкоска, до судот достави каса прими како материјален доказ, која ѝ беше предочена и на Лидија.
Продавачката Весна Костовска од салонот „Пјер Карден“ за луксузен мебел и теписи, денеска посведочи дека обвинетиот Бојан Јовановски од кај нив купил само ТВ-комода.