Боиште на супер силите: Како пропадна Венецуела, земја со најголеми резерви на нафта во светот

1224
ФОТО: EPA / MASSIMO PERCOSSI

Никој не знае како ќе заврши кризата во Венецуела. Дали ќе се претвори во граѓанска војна која би ја турнала земјата во уште поголема катастрофа? Дали кризата ќе биде решена на избори? Ќе продолжи ли безвластието (а тој збор моментно можеби и најпрецизно ја опишува состојбата во земјата)?

На работ на опасноста

Ќе продолжи ли двовластието на Николас Мадуро и Хуан Гуаидо? Венецуела во последните недели дефинитивно стана и важно геополитичко боиште на кое се судираат САД кои во длабоката венецуелска криза гледаат можност да го елиминираат социјалистичкиот режим, кој владее со државата веќе две декади, кој на САД и во времето на претседателот Хуго Чавез им беше трн во око (меѓутоа на САД не им пречеше венецуелската нафта која ја купуваа во големи количества).

Чавез на меѓународната сцена се афирмира како вербално голем противник на САД и неговиот капитализам и империјализам (кои не им пречеа на тие исти САД да им продаваат големи количества нафта). И Русија (во помала мерка и Кина) од друга страна имаат и тоа какви интереси во Венецуела.

Само договорените воени набавки се вредни 11 милијарди долари, а не смеат да се заборават ниту разгранетите бизнис интереси на големиот руски нафтен џин „Росњефт“. Венецуела стана геополитичко боиште на суперсилите и веќе од тоа може да се заклучи дека иднината не и е светла.

Последните денови медиумите исцрпно известуваат за случувањата во државата, но како дојде до тоа оваа држава која, да повториме, има најголеми потврдени резерви на нафта во светот и која некогаш беше најбогата во Јужна Америка да стане држава на работ на пропаста?

Се почна со доаѓањето на власт на социјалистот Хуго Чавез во 1999 година. Во тоа време тој фигурираше како нова надеж на Латинска Америка (уште една во низата левичарски) и неговата победа и владеењeто со Венецуела имаат значително влијание врз Јужна Америка и ширење на левичарските власти на континентот.

Почетоците на денешнaта состојба во Венецуела може да се најдат токму во 14-годишното владеење на Чавез, кое заврши со неговата смрт во 2013 година. Чавез ја спроведе социјалистичката револуција, тој и неговата Социјалистичка партија ја држеа речиси целата власт (цело време се организираа повеќепартиски и не особено слободни избори). Во тоа време кога Чавез стана претседател на Венецуела, земјата веќе беше најважниот странски снабдувач на нафта за пазарот во САД, кои во 90-тите години на минатиот век забрзано се престројуваа и од политички и од стратешки причини, го намалуваа увозот на нафта од арапските земји и го зголемуваа увозот од други производители, на прво место од Венецуела.

Големиот нафтен приход Чавез го трошеше нерационално, купуваше големи количества руско оружје, стана најгласен противник на САД и на тоа ја градеше својата меѓународна репутација. Истовремено, економијата стануваше се понеефикасна, што за земја која е целосно зависна од нафтениот приход беше многу опасно.

Никој нема пари

Вистинските проблеми настапија по смртта на Чавез и доаѓањето на власт на Николас Мадуро, поранешен возач на автобуси. Во споредба со него, Чавез беше помек. Авторитарноста на Мадуро е многу поексплицитна, па дури и попогубна од таа на Чавез, а нејзините последици за економијата се многу разорни.

Експропријацијата, протерувањето на странските компании, строгата контрола на цените, лошото управување, корупцијата, сето тоа доведе до тоа бруто домашниот производ на Венецуела веќе од почетокот на 2018 година да биде намален за 40 отсто во однос на неговото ниво во периодот кога почина Чавез.

Приходите од нафта сочинуваат 95 отсто од приносите од увозот, а бидејќи Мадуро избрка многу странски компании, производството на нафта падна на најниско ниво во последните 30 години. На тоа треба да се додадат и економските санкции на САД и намалувањето на набавката на венецуелската нафта. Минатата година Венецуела дневно во САД продаваше само малку повеќе од половина милион барели сурова нафта, а пред една година речиси 600.000 тони.

Падот на приходите беше почувствуван во буџетот, а резултат на тоа беше фискалната криза. Владата одлучи да ја победи фискалната криза со печатење пари и на тој начин директно ја доведе државата до хиперинфлација. Немаше пари за увозни стоки, првенствено за храна и лекови.

Минатото лето, „Гардијан“ објави репортажа за животот во земјата на хиперинфлација. Животот беше илустриран со примерот на продавачот на овошје Хозе Паче. Две години пред да стигнат новинарите на „Гардијан“ во Венецуела, купувачите му плаќале со валута од 100 боливари. Инфлацијата беше висока, но мала во споредба со сегашната. Банкнотата од 100 боливари беше најголемата банкнота во оптек. Две години подоцна Паче добивал банконоти од 100.000 боливари.

Самоволието на Мадуро

Економската криза, инфлацијата, влошувањето на условите за живот, недостигот од основни потреби, политичките прогони резултираа со бегалска криза што ги погоди соседните земји. Големите протести предизвикани од економската криза, инфлацијата и влошените животни услови започнаа во 2014 година, првите поголеми протести во ерата на Мадуро.

Властите ги скрши и ги растераа, а имаше 11 убиени демонстранти. Следната година, опозицијата победи на парламентарните избори и првпат во последните две децении освои мнозинството во Националното собрание. Тоа беше сигнал дека Мадуро ќе стане уште потврд и понетолерантен во внатрешната политика. Владата во 2016 година ги презеде сите овластувања од Собранието во однос на економијата, а во март 2017 година Врховниот суд, кој го контролира Мадуро, го распушти Националното собрание.

Но, под притисок, оваа одлука беше повлечена, а најмалку сто луѓе беа убиени на протестите за поддршка на Националното собрание и за отпор на самоволието на Мадуро.

За да му парира на Националното собрание, Мадуро, без никаква основа, основаше Национално уставно собрание, со задача да предложи нов устав на земјата.

Минатата година во мај Мадуро победи на претседателските избори. Изборите ги бојкотираше голем дел од опозицијата, Мадуро освои 67 отсто од гласовите, а општата оценка беше дека изборите немаа елементарно демократско ниво. На почетокот на оваа година, на 10 јануари, Мадуро положи заклетва и стартуваше со шестгодишниот мандат.

Во инаугурацискиот говор Мадуро рече дека ќе создаде социјализам на 21-от век, а своите притивници ги нарече империјалисти и фашисти. Веднаш потоа претседателот на Собранието, Хуан Гуаидо, со помош и поддршка од САД, се прогласи за претседател на државата. Од тогаш Венецуела е меѓународна вест број еден.

ФОТО: EPA / MASSIMO PERCOSSI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...