По екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски на јавна седница во Апелациониот суд побара да му се укине притворот во случајот Титаник на СЈО.
Тие добија притвор откако од УБК беше дадена белешка во која пишува дека преку посредник од претседателот Ѓорге Иванов барале амнестија на која гледале како на единствен спас од затвор. Во спротивно, пишува во белешката напишана од вработен во тајната полиција, тие биле спремни да избегаат што ќе им биде олеснето бидејќи поседуваат сметки во странство.
– Тврдам дека ниту сум поседувал ниту сега поседувам сметка во странство. Ако беа сериозни ваквите тези ќе беа приложени какви било докази за тоа во која земја, која банка или било што – рече Божиновски.
Тој ги негираше и тврдењата за наводната средба на посредник со Иванов бидејќи како што рече, со претседателот се знае лично уште од студентски денови кога тој му бил професор на правниот факултет, па ако сакал ќе се видел лично со него.
Единственото лице кое го познава, а имало средба со Иванов, посочи Божиновски, е Миле Јанакиески кој и самиот го информирал за тоа кога случајно се виделе. Меѓутоа, како што му кажал Јанакиески, тие не разговарале за никаква амнестија туку за актуелната политичка состојба.
И Божиновски во своето излагање го спомена Никола Груевски чие бегство рече дека го осудува.
– Таквиот чекор носи неприкосновена штета за останатите. Не може заради нечие поведени да се прави штета на други обвинети – рече тој.
И обвинетиот и неговите адвокати бараа укинување на притворот и поради здравствената состојба на неговата сопруга поради што тој треба да се грижи за неговите две малолетни деца.
Неговите адвокатите потенцираа дека решенијата за притворите на Божиновски и Миле Јанакиески се копи-пејст со исти аргументи, само имињата се различни.
– И да беа близнаци требаше да има различни решенија за притвор – рече адвокатот Еленко Миланов.
Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова рече дека останува на писмено поднесениот предлог да бидат одбиени жалбите на одбраната како неосновани, а решението за притвор да биде потврдено целост бидејќи истото е законито.
– Добиени се конретни сознанија дека Кирил Божиновски и Миле Јанакиески планираат и спремаат бегство. Божиновски кога го планираше бегството не беше обвинет само во Титаник туку имаше добиено и известување за завршена истрага за предметот Талир – рече Стефанова.
Апелација има рок од 48 часа да одлучи за двете жалби.