Во отсуство на официјална реакција од македонското МНР, реформаторот Петар Богојески денеска реагира по вчерашната изјава на грчкиот пратеник Никос Дендиас, од Нова демократија дека ако неговата партија дојде на власт ќе се обидат да ги подобрат решенијата за јазикот и за државјанството во Преспанскиот договор.
Богојески не исклучува ревизија, односно модификација на Преспанскиот договор според грчки рецепт во случај на промена на власта во Грција, но во својата реакција до пратеникот од Нова демократија отвора нова димензија во грчко – македонскиот спор кој навидум беше окончан со Договорот од Нивици и предлага евентуалната ревизија да се случи од сосема поинаква перспектива во која нема место за грчкиот шовинизам и за решавање на историските прашања со игнорирање на историската вистина, како што тоа го најави грчкиот пратеник.
Гркот Дендиас објасни дека неговата партија не поддржува ревизионизам на договорите, но од друга страна ако на изборите в недела во Грција победата на неговата партија му донесе министерска позиција во грчката дипломатија опозицискиот пратеник најавува барање од грчка страна за ревизија во најсуптилнио сегмент од договорот и тоа за двете клучни прашања – употребата на придавките македонски пред државјанството и на македонскиот јазик кои ни беа гаранирани со договорот од Преспа.
Богојески предупредува на постоење информаци дека високи владини и опозициски функционери, од, како што вели, за нив познати „причини”, се веќе промотори на таа „грчка визија” за карактерот на македонската нација, дека се сериозни и дека не треба да се занемаруваат.
– Тоа е јасно изразување на загриженост за веќе воспоставена комуникација помеѓу Скопје и Атина за преуредување на Преспанскиот договор по грчки вкус, а тоа на домашната јавност во Македонија да ни се презентира како македонски патриотизам – дополнува Богојески.
Пратеникот Дендиас во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ, одговарајќи на прашањето, како можен иден министер за надворешни работи на Грција, како би ја нарекувал соседната земја – Северна Македонија или Скопје рече дека тие како партија она што би сакале да го направат е да постигнат промени на некои од одредбите преку, како што рече, „преговори со другата страна“.
– Постојат прашањата за јазикот и за националноста или државјанство, како сакате наречете го. Овие работи треба да се обидеме да ги подобриме бидејќи како оружје ги имаме преговорите со Европската унија, ќе направиме обиди -изјави Дендиас.
Тој, како што јави дописничката на МИА од Атина, рекол и дека „не постои политичар од Нова демократија кој поддржува промена на границите на Балканот“, но дека сите други освен Грците не им мислат добро на „скопјаните“.
– Скопјаните треба да разберат една работа. Единствени во регионот што имаат интерес од нивното постоење и ќе се стремат да постојат како држава ,сме ние Грците. Сите други или сакаат или да ги апсорбираат или да ги распаднат или да им создадат проблеми. Голема Албанија вклучува еден дел од Скопје – рекол Дендиас.
Реформаторот Богојески пак, смета дека стравот од голема Албанија е измислен и се злоупотребува секогаш кога се сака да се предизвика политичка криза на Балканот.
Богојески му порачува на грчкиот политичар тој и неговата земја да не се обидуваат под приказните за „Голема Албанија” да ни подметнуваат грчки рецепт за современиот македонски идентитет.
Тоа го спореди и со политиките на Груевски и Иванов.
– Градењето на „македонска иднина” на антиалбански основи е „северен концепт”, кој има цел да продуцира перманентни судири во македонското општество! Тој е тесно поврзан со грчкиот концепт за антиквизација на македонската нација, промовиран од Груевски и Иванов! Во основа тие два, се всушност еден унифициран, антимакедонски концепт! – вели Богојески.
Спротивно на грчките позиции, Богојески смета дека Албанците од Македонија или Македонците со албанско етничко потекло, се најголеми пријатели на современиот македонски идентитет и дека „Македонско – албанските решенија”, донесени во Протоколот потпишан од Македонската револуционерна организација (ВМРО) и Албанскиот револуционерен комитет (АРК), со современи модификации во нивната примена, се јасен одговор на „грчките амбиции” во Македонија.
На дополнителни прашање од Плусинфо до Богојески, одговара дека „видлива е тенденцијата на Никос Дендиас да ги решава историските теми, но со заобиколување на историската вистина и очигледното потценување на македонската политичка сцена“.
– Македонското прашање на светската сцена се појавува после Берлинскиот договор и тоа нема никаква врска со античка Македонија. Затоа и тенденцијата за делумни модификации на Преспанскиот договор. Грците тек сега сфатија дека со овој договор ги предадоа позициите на грчката пропаганда во Македонија. Во случај да се побараат ваквите модификаци од грчка страна, сметам дека треба целосна ревизија на договорот, при што ќе се отвори прашањето за поделба на географската област Македонија и легитимитетот на тенденцијата токму Грција да има монопол на терминот Македонија, зашто Македонија е поделена на четири делови, а со тоа сите ние имаме право на тој термин. Тоа ќе отвори простор во преговарачкиот процес да бидат вклучени и Бугарија и Албанија – вели Богојески и додава дека тоа е сосема логично, имајќи предвид дека делови од поширокиот географски регион на Македонија се во овие држави.
– Со тоа и немањето никаков основ на грчкото барање за промена на името на Република Македонија, особено што Бугарија и Албанија стојат на македонска страна и нашето право да се самоименуваме како Република Македонија. Македонско – бугаро – албанските позиции и аргументи, треба да се соочат со грчките. Па Грција има право на избор, ќе продолжи со нејзините шовинистички политики кон Македонија или конечно ќе ја прифати новата реалност на Балканот и Европа, а тоа е постоење на современа македонска Република, со современа македонска нација, чиј составен дел се сите граѓани на таа Република – порачува Богојески.