Пратениците кои гласаа за Договорот од Преса, иако сега не изгледа така, во иднина ќе бидат визионери што застанале на победничката страна на историјата, изјави Петар Богојевски од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ.
– Се надевам дека за многу краток период ќе се вградат решенија кои ќе значат условена имплементација на уставните амандмани, доколку Грција не го ратификува овој договор. Дополнително, овој процес нуди можност и за други измени, со кои Македонија може целосно да расчисти со своето комунистичко минато – вели Богојевски.
Тој смета дека со исклучувањето на пратениците кои гласаа за договорот, раководството на ВМРО-ДПМНЕ покажало дека го водат гнев и омраза, себичност и кратковидост и дека при тоа целосно била суспендира внатрепартиската демократија.
– Тоа беше нестатутарна одлука, надвор од пропишана процедура, а со тоа и невалидна. Како и да е, ова раководство самото себе си се делегитимираше и го изгуби целиот кредибилитет да ја води партијата – вели Богојески.
Богојевски неодамна поради своите ставови беше разрешен од позицијата заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.