Богоев: „Партизан“ ќе биде главно обележје на мојот мандат

588

Среќен сум што од 43-тиот роденден на Општина Карпош, можам да соопштам дека „Партизан“ се враќа во наше владение. Во прашање се денови на доделување и завршување на сите формално правни процедури. Ова е победа на урбаното и модерното! Победа на традицијата! Победа на спортот! Победа за „Партизан“, како препознатлив бренд на Карпош и на Градот Скопје, рече градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев на мултимедијалниот настан со којшто се одбележа 43 годишнината од основањето на Карпош.

Под мотото „43 години со љубов за Карпош“, во Кинотека на С. Македонија беа изведени повеќе перформанси кои го симболизираат секојдневието на локалната самоуправа.

Секојдневното функционирање на Општината, она што досега е сторено и на што се работи, беше презентирано со видео спот, за потоа,  карпошовите таленти со своите настапи да ја збогатиат програмата и  да му  дадат посебен дух на чествувањето на празникот на Карпош. Присутните гости беа воодушевени од оригиналноста на изведбите на монодрамата за превенција од булинг во училиштата на Сара Милевска, перформансот на знаковниот јазик на Сара Крстевска кон своето глувонемо другарче, како и од победникот од шоуто „Карпош има талент“, Евгениј Дучевски кој со сопствена интерпретација го претстави популарниот Мајкл Џексон.

На овој пригоден настан беа доделени и стипендиите за  талентирани ученици. На 33 основци, претседателот на Советот, Андреј Манолев им ги врачи пофалниците и им посака успех во понатамошниот тек од образованието.

Говорејќи за главните симболи на Карпош, тој напомена дека во финална фаза е враќањето на спортската сала „Партизан“ во владение на Општина Карпош.

– Искрено се надевам дека „Партизан“ ќе биде споменик на новото време. Тоа е повеќе од спортска сала и објект. Со неговата возобнова ќе го вратиме обележјето на една цела генерација на карпошани кои годиниве стравуваа дека и „Партизан“ ќе настрада од насилната урбанизација. Верувам дека секој треба да остави свој печат во своето работење. По завршување на мојот мандат, се надевам дека „Партизан“ и паркот долж Вардар ќе бидат главни обележја на овој период – заврши Богоев.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...