Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев не се вклучени во никакви незаконски активности во врска со случајот „Рекет“, соопшти Општина Карпош.
„Во Општина Карпош не е отворен ниту еден предмет, а не е издадено ни одобрение за градење, ниту било каков друг правен акт во врска со споменатиот случај. Локалната самоуправа има склучено меморандуми со голем број на невладини организации. Меморандумот кој е склучен со Меѓународен сојуз единствено се однесува на давање поддршка за реализација на различни социо – економски активности и третирања на локални прашања. Тој по својата содржина е општ, без никакви финансиски последици за Општината или конкретни други обврски. Врз основа на овој Меморандум, не е реализиран ниту еден проект или некоја активност со Меѓународниот сојуз.
Што се однесува до финансирањето на изборната кампања на градоначалникот Стефан Богоев, веќе е посочено дека сите плаќања се извршени преку наменската сметка за локални избори 2017, на партијата СДСМ и Коалицијата која го поддржа Богоев.
Во ниту една програма на Општина Карпош, ниту во изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев, не постои проект „Карпош на вода“. Во оваа насока, не е донесен или изменет ниту еден ДУП, што е достапно и видливо и на нашата веб страница.
Во интерес на отчетноста пред граѓаните, ги повикуваме сите заинтересирани страни, вклучително и пратеникот Антонио Милошоски да дојдат во Општината и да се уверат во сите посочени факти, стои во соопштението.