Во долгот на Општина Карпош влегуваат и камати, судски, адвокатски и извршителски трошоци, објасни градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев во емисијата Студио 1 на 1ТВ.
– Претходно, Општината повеќе сакала да плаќа на кошаркарски, шаховски клубови отколку да си ги подмирува доспеаните обврски. Ако сте асфалтирале улица, сте ја завршиле работата, улицата е реализирана, сега Општината не Ви плаќа на Вас иако е доспеана обврската, а плаќа на некои други субјекти. Тогаш нѐ тужат и почнуваат трошоците за адвокатски трошоци, камати и долгот на Општината кон субјектот се зголемува од 20 до 25 проценти, така се создадени обврски од преку 200 милиони денари само за камати. Сепак, гарантирам дека нема да страда работењето на Општината и потребите на граѓаните – рече Богоев.
Во однос на личните напади кон него, тој вели дека кога некој е немоќен со аргументи да објасни и да демантира, тогаш се очекувани напади на лична основа.
– Ако не ви се допаѓа вистината, убијте го гласникот, но нема друга алтернатива освен одговорност за констатираното незаконско работење – порача Богоев.