Гласот за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе биде мојот последен глас во ова Собрание. Оваа одлука ја донесов веднаш по скандалот во моментите кога се самопријавував во полиција, рече пратеникот и претседател на Комисијата за мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски кој заминува од пратеничката функција по скандалот со нелегална набавка за која тој тврди дека била масло од канабис, а не дрога како што беше обвинет по објавување на аудио снимка од неговиот разговор на руска социјална мрежа
Тој денеска на седница на Комисијата за мандатно имунитетни прашања рече дека оставката ја поднесува од морални причини.
– Фактот е дека без разлика на причините за набавката на маслото од канабис за мое блиско лице и на никој од вас не ви ги посакувам тие причини, јас сторив незаконски акт. Тоа е првата работа – рече Богоевски.
Ако во Собранието нема место за човек кој прекршил закон за да купи масло од канабис за свое блиско болно лице, порача Богоевски, сигурно нема место за пратеник кој е во бегство од македонската правда.
Тој додаде и дека може да се перцепира дека неговата пратеничка функција може да влијае врз постапката што ја водат истражните органи за илегалното снимање, но и против него за набавката од канабис, што тој ја иницираше.
– Не би сакал мојата функција да влијае врз правосудните органи. И уште еднаш ќе ја искористам оваа прилика да ги повикам органите на проганот целосно да го истражат настанот за мојата одговорност, но и за одговорноста на тие што противправно снимале и објавиле – додаде Богоевски.
Тој зборуваше и за причиние зошто одлуката за оставката ја обзнанил денеска, а не веднаш по откривањето на случајот.
– Прво мене ми беше многу значајно да учествувам до крај на процесот на реформите на разузнавачките служби, а второ оваа седница е причината зошто не соопштив веднаш. Чекав цела јавност да види колку далеку ќе отидете во вашата дрскост и да видат дека станува збор за хајка и за мерки и активности насочени кон заштита на вашиот премиер во бегство Никола Груевски. Повеќе не е прашањето дали Павле Богоевски има легитимитет да ја води комисијата која ќе му го одземе мандатот на Никола Груевски, ниту пак дали Павле Богоевски треба да продолжи да биде пратеник. Сега е прашањето дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат барем трошка од етиката и моралот со кој дрско се расфрлаа овие две недели и дали ќе го заштитат криминалецот во бегство Никола Груевски, или ќе му го одземат мандатот додаде пратеникот во оставка Боогевски.