Богдан Дамјановски е нов сопственик на 1ТВ или посредник на Србин од Холандија?

1909

Едно лице не многу познато во македонската јавност се пријавило да ги плати долговите и да ја преземе 1 ТВ, соопштија вчера од УЈП, не откривајќи го името на новиот потенцијален газда на телевизијата.

Станува збор за скопјанецот Богдан Дамјановски од Кисела Вода. Тој е лицето кое на инспекторите од УЈП додека биле во просториите на 1 ТВ им рекло дека е иден сопственик на телевизијата и е подготвен да ги плати долговите. Дамјановски кажал дека има договор кој не е нотарски заверен и сѐ уште не е регистриран во Централен регистар.

Дамјановски, според нашите информации, е човекот кој кон крајот на септември имал состанок со поранешните вработени во телевизијата.

Неговото име прва во јавноста го објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Дамјановски, пак, во изјава за Телма негира дека тој ќе биде сопственик посочувајќи дека тој е само посредик, а газда ќе биде Србин кој долго време живеел во Холандија. Тој во Скопје треба да дојде в понеделник.

Името Богдан Дамјановски навистина не ѝ е познато на пошироката јавноста, но тоа не е случај и за ексвработените во некогашната фабрика за автобуси, ФАС „11 октомври“. Пред 16 години, во 2003-та, тој влезе во трка за нејзино преземање, во која што учествуваа десетина фирми. Претставувајќи се како застапник на надворешен капитал од Канада и Белорусија, Дајмановски тогаш понуди околу 12 милиони евра – најмногу пари за купување на имотот на скопската фабрика. Тогаш за ФАС имаше дури три тендери, а тој се пријавуваше на сите.

Сепак, на крајот, познатата скопска фабрика не заврши во негови раце, бидејќи не ги обезбеди парите во предвидениот рок.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...