Мораториумот за градење во општина Центар ќе трае додека не се донесат и ревидираат сите Детални урбанистички планови.
– Мораториумот се ослободува со ревидирање на планот, се усвојува. Досега имаме ослободено три детални урбанистички плана. Уште два се ставени на седница. Паралелно се водат уште шест јавни анкети. Значи и тие ќе бидат за брзо време. Како што ќе се носат нови планови, така ќе се ослободува мораториумот. Јас планирам некаде до пролет најголемиот дел да бидат завршени – рече тој.
Во врска со стопирањето на градбите во Центар имало реакции од граѓани, но и градежни фирми и инвеститори.
– Тоа е целина, не може да се прогледува низ прсти за некого. Доаѓаат, прашуваат до каде е, што е работата. Сакаат што побрза реализација. Но, не можам да ги лажам или да им кажувам важи, во ред. Примено е, ќе видиме кога ќе може – додаде Богдановиќ.
На прашање дали комисијата не го слуша како градоначалник, за тоа каде да се гради, тој рече:
-Да, јас ќе дојдам како Груевски што правел порано и велел овде ќе никне зграда. Далеку од тоа. Никогаш. Не сум се мешал.
Богдановиќ рече дека не дава ниту насоки за тоа каде да се гради, зашто за тоа постои стручна комисија.
– Ќе оставиме простор за некои планови да одлучуваат самите граѓани. Имаме ситуации во кои од една страна доаѓаат луѓе и ни велат сакаме да се гради, а од друга страна ни велат сакаме да се зачува тоа и тоа. Јас им велам, еве договорете како мислите така. Не одлучувам јас. За тоа одлучува комисија, совет, Град Скопје. Моја работа е да ги координирам работите, да ги забрзувам процесите ако нешто заглави – рече Богдановиќ.