Бобан Илиќ обвинет за сообраќајна несреќа со смртни последици во случајот со четиригодишниот Алмир од Куманово е осуден на шест години затвор.
Условна казна од шест месеци затвор доби татко на Алмир, Седат Алиу, кој уште со двајца други, во истиот случај беше обвинет за насилство бидејќи критичната вечер го нападнале по Илиќ во кумановската болница.
Пресудата судот во Куманово ја соопшти денеска, а Илиќ не се појави.
Адвокатот на семејството на Алмир, Асмир Алиспаѓиќ, по изрекувањето на пресудата рече дека случајот е монтиран, казната е премала и оти ќе поднесат жалба до Апелациониот суд. Тој рече оти Илиќ е монструозен убиец кој не чувствувал никаква морална одговорност.
– Судијката се дрзна да ги осуди таткото, чичкото и братучедот на Алмир. Тоа е уште еден од низата монтирани случаи од страна на кумановското јавно обвинителство – рече Алиспагиќ. Тој направи и споредба дека за криумчарење мигранти се изрекуваат по 10 години затвор, а во овој случај кога животот го загубило четиригодишно дете казната е само шест години.
Инаку, Илиќ најпрво се товареше за убиство со умисла, но на рочиштето за завршните зборови обвинителството го преквалификуваше делото во сообраќајна несреќа со смртни последици.
Како објаснување за ваквиот чекор од обвинителството тогаш го посочија тоа што кога било покренато првичното обвинение за убиство со умисла, доцнеле вештачењата – психијатриското и техничко-сообраќајното. Како што наведе тога обвинителката, пред да се случи прегазувањето на малиот Алмир што се гледа на снимката објавена во јавноста, Бобан Илиќ и неговите брат и девојка биле физички нападнати и им го оштетиле автомобилот, но тој дел од снимката не бил објавен јавно. Девојката која била со двајцата браќа, се јавила и во полиција за да побара помош.
Овој случај покрена лавина реакции во јавноста и јавнообвинителската фела, се организираа и протести пред Владата, а министерот за правда Билен Саљији пред две недели си поднесе и оставка.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески на прес-конференција пред десетина дена рече дека ако обвинителството останело на обвинението дека станува збор за убиство, Илиќ ќе добиел ослободителна пресуда бидејќи немало докази за ова дело.
Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни 2016 година, по банална расправија во болницата.