Бобан Илиќ од случајот со малиот Алмир од Куманово е вратен во притвор, одлучил судот по барање на обвинителството, објави Јавното обвинителство. Илиќ ќе остане во притвор додека пресудата стане правосилна и до отпочнување на издржување на затворската казна од шест години.
Тој ја доби оваа казна како обвинет за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот во која животот го загуби четиригодишниот Алмир.
Илиќ најпрво се товареше за убиство со умисла, но на рочиштето за завршните зборови обвинителството го преквалификуваше делото во сообраќајна несреќа со смртни последици.
Како објаснување за ваквиот чекор од обвинителството тогаш го посочија тоа што кога било покренато првичното обвинение за убиство со умисла, доцнеле вештачењата – психијатриското и техничко-сообраќајното. Како што наведе тога обвинителката, пред да се случи прегазувањето на малиот Алмир што се гледа на снимката објавена во јавноста, Бобан Илиќ и неговите брат и девојка биле физички нападнати и им го оштетиле автомобилот, но тој дел од снимката не бил објавен јавно. Девојката која била со двајцата браќа, се јавила и во полиција за да побара помош.
Овој случај покрена лавина реакции во јавноста и јавнообвинителската фела, се организираа и протести пред Владата, а министерот за правда Билен Саљији пред две недели си поднесе и оставка.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески на прес-конференција пред десетина дена рече дека ако обвинителството останело на обвинението дека станува збор за убиство, Илиќ ќе добиел ослободителна пресуда бидејќи немало докази за ова дело.
Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни 2016 година, по банална расправија во болницата.