Блупринт ќе им дише во врат на владините реформи од 1 август

Хелсиншкиот комитет очекува дека граѓанските организации ќе излезат со релевантни оценки за тоа колкав е квалитетот на реформите и колку се тие спроведени.

291

Граѓанските организации обединети во т.н. Блупринт група најавуваат мониторинг на реформите во правосудството. Од први август годинава тие ќе следат дали реформите се спроведуват согласно предвидената динамика и колку се квалитетни. Процесот ќе трае десет месеци и од него, освен евалуација, ќе произлезат и предлози и сугестии до Владата, како и тим од шест експерти за поддршка на претстојниот скрининг и преговорите со ЕУ.

– Очекувам дека ќе излеземе со релевантни оценки за тоа колкав е квалитетот на реформите и колку се тие спроведени. Не мислам дека Владата ќе остане индиферентна кон она што ќе го сработиме и што ќе го изнесеме во јавноста – рече на прес-конференција Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Пировска потсети дека владиниот План 18 е креиран без консултации со граѓанскиот сектор, а е и крајно разочарувачки конципиран.

– Само таксативно е наброено она што ќе се случува во дел од реформите. Недостасуваат многу прашања кои беа дел од Планот 3-6-9, а не се исполнети – забележа Пировска, дополнувајќи дека и делот што се однесува на СЈО сѐ уште виси и, како што рече, не постои никаква извесност дека нешто ќе се случува со ова Обвинителство.

Според Приовска, до денес, Хелинсшкиот комитет нема добиено од Секретаријатот на Владата краен документ за Планот 18 иако бил оставен простор за доставување писмени укажувања од Комитетот.

Реформите во правосудството, освен Хелсиншкиот комитет, ќе ги следат и Македонското здружение на млади правници, Центарот за правни истражувања и анализи, Коалицијата „Сите за правично судење“, Институтот за човекови права, како и Институтот за европска политика. Пристап до правда за сиромашните, управни спорови, Јавно обвинителство, полагање правосуден испит, закони за судски совет, кадровска и техничка екипираност на Академијата на судии, полагање правосуден испит, се само некои од областите што ќе бидат мониторирани.

Проектот се спроведува со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија како дел од трите клучни сфери: правосудство, корупција и дискриминација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...