Блокада и неплаќање на паркингот, Клинички му се закани на Шилегов

1013

Очекуваме да се повлече одлуката на Советот на Град Скопје паркирањето да го плаќаме по 850 денари месечно, наместо по 350 или револтот ќе го изразиме со блокирање на наплатата за излез од Клиничкиот центар и тоа секој ден од 10 до 10.30 часот. Да знаат сите дека во тој период ние ќе ја блокираме наплатата, а во знак на револт нема да ги плаќаме ни досегашните 350 денари за паркинг, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар на денешниот протест на вработените на скопските клиники што се одржа во кругот на центарот.

„Доста во нашиот двор стопанисува друг“, „Сакаме паркинг, а не нива“ порачаа дел од транспарентите, а вработените велат дека нема да отстапат од барањата и ќе протестираат додека одлуката не биде повлечена.

– Со одлуката на Советот на Град Скопје ќе бидеме приморани да користиме јавен превоз, што особено ќе ги погоди вработените кои дежураат и оние во ноќна смена, кои исцрпени по 24-часовното дежурство, наместо со кола, дома ќе треба да одат со автобус. Синдикатот и вработените сме навредени од изјавите на Шилегов дека ние сме одговорни за хаосот во кругот на Клинички и што пациентите не можат да се паркираат во Клиничкиот центар. Тоа е неприфатливо. Паркингот на Клинички центар е сопственост на Македонија, а не на Градски паркинг Скопје. Градоначалникот Шилегов да внимава во своите изјави – нагласи д-р Беговиќ.

Од Синдикатот потсетија дека од наплатата на овој паркинг се собираат дури 476.000 евра годишно.

– Од нашите 350 денари месечно се инкасираат 110.000 евра годишно, а со покачувањето сумата ќе се зголеми на 280.000 евра годишно, а практично ништо не е инвестирано. Треба добра инфраструктура и за сумата што ја плаќаат, вработените да добијат пристојно паркинг-место, а не непристапен терен секој ден – порача Ивица Апостолов, медицински техничар.

Проф. д-р Марга Балабанова, специјалист дерматовенеролог на Клиниката за кожни и венерични болести, изјави:

– Ова ја прелеа чашата, а е голема навреда што сме ја добиле од еден татко на Градот. Социјалниот мир во земјата го држат здравствените работници, тоа да го знаат и идните и изминатите власти. Јас веќе 40 години го користам паркингот на Клинички, за што редовно плаќам, а, за жал, тука ништо не е сменето – порача проф. д-р  Балабанова.

Со зголемување на месечната карта за паркирање за 500 денари, градоначалникот Шилегов очекува во кругот на Клинички да се регулира сообраќајниот хаос. Тој изјави дека на паркингот на Клинички има 670 места, а издадени се 1.500 месечни карти, за кои вработените плаќаат повластени 350 денари.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...