Тренерот на Олимпијакос, Дејвид Блат, во понеделникот откри дека му е дијагностицирана примарно прогресивна мултиплекс склероза (ППМС).
– Понекогаш животот ви испраќа работи што не можете да ги објасните, се вели во писмото до тимот на 60-годишниот Американец со израелски корени.
Блат рече дека му е дијагностицирана болеста пред неколку месеци од Медицинскиот штаб на Олимпијакос.
– Првата работа што ја направив беше да се вратам на мојата методологија како тренер за да се справам и да ги надминам тешкотиите – додаде тој.
Поранешниот тренер на Кливленд Кавалирс во НБА лигата исто така изјави дека се поставил на специфичен режим на вежбање за борба против неговата состојба.
– Јас сум тренер и моја работа е да водам, учам и да инспирирам многу луѓе. Неможноста да бидам толку мобилен или активен нема да влијае на мојата способност да ги правам овие работи. Имам среќа. Имам прекрасни доктори, физиотерапевти кои ги разбираат моите тешкотии и ќе се обидат да ми помогнат да ги надминам – сподели Блат.